На градскиот плоштад во Струмица денеска се испиша уште една прекрасна спортска приказна. Околу 700 дечиња беа дел од уникатното спортско натпреварување во рамките на Плазма Спортските игри за млади (СИМ), настан кој оваа година за првпат се одржува ширум Македонија. Струмица со гордост ја презеде улогата на петти град-домаќин, потврдувајќи го својот статус на вистински спортски град.
Најголемиот спортско-аматерски настан во Европа, кој постои веќе цели 30 години, има благородна мисија – преку бесплатен спорт да ги поттикне здравите животни навики, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата, создавајќи простор за развој на новите спортски надежи.

Спортски легенди и запален факел за почеток на игрите
Струмица отсекогаш била расадник на врвни спортисти, па затоа не изненадува што поддршка на младите таленти им дадоа добро познати спортски имиња.
Поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец, Владо Илиевски, и актуелниот тренер на кошаркарскиот шампион МЗТ Скопје, Васко Атанасов, беа специјални гости на настанот. Заедно со официјалната маскота „Виктор“ и разиграните дечиња, тие го донесоа факелот на плоштадот и симболично го означија почетокот на големото натпреварување.
„Спортот обединува, спортот нè прави подобри личности. Му се заблагодарувам на градоначалникот кој навистина вложува во училишниот спорт и докажува дека Струмица е одличен домаќин. На децата им посакувам убав ден полн со насмевки и дружење. Нека победи толеранцијата, а со најдобрите се гледаме на големото финале кое ќе се одржи во Сплит“, истакна Мицковска.
Богата натпреварувачка програма
Плоштадот во Струмица беше претворен во огромна спортска арена, каде децата се натпреваруваа во неколку различни дисциплини, поделени по возрасни категории:
- Coca-Cola Cup: Фудбалски натпревари во машка и женска конкуренција (за генерација 2011).
- Мал фудбал: Турнир за најмладите таленти (генерација 2015).
- Одбојка: Натпревари во машка и женска конкуренција.
- Народна топка: Традиционалната и омилена игра за генерациите 2015 и 2017 година.
Спортските игри за млади продолжуваат да шират позитивна енергија низ државата под мотото: ИГРИТЕ СЕ ЗАКОН!



