ОФИЦИЈАЛНО: По долгата потрага, РБ Лајпциг конечно има нов тренер. На клупата на „биковите“ седнува Оле Вернер, кој доаѓа од редовите на Вердер Бремен и потпиша договор до 2027 година. Лајпциг за неговите услуги плати отштета од 1.5 милиони евра, а со плата од околу 2.5 милиони евра годишно, Вернер станува шестиот најплатен тренер во Бундеслигата.
Но, за македонската спортска јавност, оваа вест има многу поголемо значење. Со доаѓањето на новиот стратег, се отвора клучното прашање – каква ќе биде иднината на нашиот фудбалски „дијамант“, Елиф Елмас?
По турбулентната прва половина од сезоната во која не се изнаигра под водство на претходниот тренер Марко Розе, Елмас беше испратен на позајмица во Торино. Таму, македонскиот ас блесна и покажа дел од својот квалитет, постигнувајќи 4 гола на 13 натпревари во Серија А.
Сега, по враќањето во Лајпциг, неговата судбина е целосно во рацете на Оле Вернер. Новиот стручен штаб ќе треба да донесе одлука дали ќе му даде нова шанса на Елмас, кој доаѓа со вратена самодоверба од Италија, или пак ќе даде зелено светло за негова продажба ова лето, со што би се ставил крај на шпекулациите на трансфер-пазарот.

Вернер е познат по својата филозофија на храбар и офанзивен фудбал, со структуриран посед и брза транзиција – стил кој теоретски би требало да му одговара на Елмас.
„РБ Лајпциг се залага за храбар и офанзивен стил на игра, за професионално и амбициозно размислување. Клубот има големи цели и барања. Тоа се токму параметрите што ме убедија“, изјави Вернер при промоцијата.
Сега, останува да видиме дали Елмас ќе се вклопи во тие параметри. Одлуката на Вернер ќе биде клучна, а македонските навивачи со нетрпение ќе чекаат да видат дали нашиот репрезентативец конечно ќе го добие статусот што го заслужува или ќе мора да бара нова средина.