Ниту една друга патека не е толку длабоко вплетена во кариерата на Михаел Шумахер како белгиската Спа-Франкошамп. Тука започна легендата. Тука блескаше. И токму тука, по многу победи, по некои од најконтроверзните моменти и по илјадници километри со перфектна линија низ “Eau Rouge”, се запечати една од најголемите врски помеѓу еден човек и една патека во светот на мотоспортот.
1991: Дебито на идната легенда
Спа е местото каде што светот првпат го виде Михаел Шумахер во болид од Формула 1. Беше 1991 година, кога Џордан-Гран При му даде шанса на непознатиот германец да го замени Бернардо Гашо. Иако не ја заврши трката поради проблем со спојката, квалификациите беа доволни: седмо време, пред искусни возачи, на една од најтешките патеки. Паднаа првите аплаузи и ѕвездата почна да го покажува својот сјај.
1992: Првата победа во кариерата на Шумахер. Во Спа, секако.
Веќе следната година, Шумахер возеше за Бенетон и ја освои својата прва Ф1 победа, историја која повторно започна да се испишува во Спа. Преку стратегија, трпение и агресија кога беше најпотребно, ја надигра легендата Најџел Менсел. Таа победа беше симболичен почеток на доминацијата што следеше во текот на целата деценија.

Кралот на Спа, шестте победи на Шумахер
Михаел Шумахер остана неприкосновен на белгиската патека. Шест пати излезе како победник (1992, 1995, 1996, 1997, 2001 и 2002 година), а уште многу пати беше на подиумот. Со тоа стана најуспешниот возач во историјата на Спа, сè додека Макс Верстапен не се доближи со своите последни успеси. Сепак, до ден денес ниту еден друг возач го нема срушено рекордот на Шуми на оваа легендарна патека.
Забелешка: Победата во 1994 година беше дисквалификувана поради техничка неправилност (подот на болидот), што дополнително го вжешти односот меѓу Шумахер и ФИА.
1998: Хаосот и гневот. Судирот со Култхард
Во најхаотичната трка во историјата на Спа, под дожд и со масовен судир во првиот круг, Шумахер водеше со секунда по круг сè додека не удри во задниот дел на болидот на Дејвид Култхард, кој се движеше бавно поради оштетување. Шумахер, бесен, го паркираше болидот и буквално влезе во Мекларен гаражата за физичка пресметка, а тимот едвај го задржа.
Тој момент ја откри страста, бесот и човечноста зад шлемот. Спа ја виде најемотивната страна на Михаел, а овој момент остана еден од најзапаметените во историјата на Спа до ден денес.
Michael Schumacher storms the McLaren garage after being taken out of the race by Coulthard. 🥶
Belgian GP 🇧🇪 | 1998
— La Gazzetta Ferrari (@GazzettaFerrari) July 21, 2025
2004: Седмата титула добиена во Спа
Во 2004 година, Шумахер го круниса своето Формула 1 наследство токму во Спа, освојувајќи ја својата седма и последна титула со второто место. Иронично, токму таму каде што сè започна, сè и се заокружи. Најголемиот шампион во историјата ја потврди својата судбинска врска со Спа.
Спа = Шумахер
Ако Монца е храм на брзината, Спа е катедрала на вистинскиот возачки дух. Со својата техничка сложеност, долгите правци, високиот ритам и непредвидливото време, Спа ги издвојува добрите од великаните. А, Михаел Шумахер таму беше доминантен, драматичен, непредвидлив, но секогаш легендарен.
И денес, кога фановите поминуваат низ “Source” или се загледуваат во “Pouhon”, некој сигурно ќе спомене: “Тука Шуми ги возеше сите како да се картинг возачи”.
Michael Schumacher’s 2002 Belgian GP pole lap 🐎❤️
— La Gazzetta Ferrari (@GazzettaFerrari) July 21, 2025




