Макс Верстапер победи на втората последователна трка сезонава, враќајќи се на врвот во негов стил, со огромна предност пред останатите возачи, откако вчера на хаотичните квалификации ја обезбеди пол-позицијата за денешната трка во Баку.
Токму маратонските вчерашни квалификации со многу прекини денес ни понудија малку поинаков распоред во трката, по што после долго време немаше доминација на Мекларен.
За тимот кој можеше со двоен подиум да стигне до шампионската титула уште викендов, сепак Азербејџан заврши катастрофално. Оскар Пијастри уште во првиот круг заврши во бариерите, а шансите за подобар пласман на Ландо Норис беа уништени од грешката на тимот при неговиот пит-стоп, по што тој трката ја заврши на седмата позиција.
Drama on the first lap! 😵
Here’s Piastri heading into the wall and out of the race ❌#F1 #AzerbaijanGP pic.twitter.com/SN9cCVjSGL
— Formula 1 (@F1) September 21, 2025
Но, денешната трка беше одлична за двајца други возачи, кои сосема неочекувано се најдоа на подиумот. Британецот Џорџ Расел во Мерцедес болидот заврши на втората позиција, иако цел викенд имаше здравствени проблеми, а трет заврши Шпанецот Карлос Сајнц за кој ова беше прв подиум во новиот тим на Вилијамс.
Интересно, Сајнц е токму возачот кој последен пат има победено за Ферари, кои никако не можат да фатат чекор сезонава, па нивните двајца шофери, Луис Хамилтон и Шарл Леклер денес завршија на осмото, односно деветтото место.
Oh Carlos 💙#F1 #AzerbaijanGP @WilliamsRacing pic.twitter.com/G3Bhh5PKvj
— Formula 1 (@F1) September 21, 2025
Одлична трка имаа и дебитантите Кими Антонели за Мерцедес и Лијам Лосон за Рејсинг Булс кои остварија одличен пласман на четвроттото и петтото место, а на шестото место конечно со нешто подобар резултат сезонава е Јуки Цунода, вториот возач на Ред Бул.
Десеттката денес со освоен бод ја заокружи Исак Хаџар од Рејсинг Булс, кој оваа сезона вози можеби и најдобро од сите дебитанти на гридот, но денес не можеше да стигне до подобар резултат.