Мет Доноху, главниот ВАР судија кој го призна победничкиот гол на Ерлинг Халанд во манчестерското дерби, како и неговиот асистент Блејк Антробус, се отстранети од должност за претстојното коло во Премиер лигата. Сепак, скандалот отвори многу подлабока дебата во англиската фудбалска јавност: Дали натрупаниот технолошки систем и користењето на две различни компании за ВАР е главниот виновник за ваквите превиди?
Брза казна од Хауард Веб и судиската организација
Откако судиската организација (Pro Ref) официјално призна дека е направена „грешка во проценката“ при голот на Манчестер Сити, шефот на судиите Хауард Веб веднаш реагираше. Доноху и Антробус нема да бидат делегирани за натпреварите од Карабао купот во текот на неделата, ниту пак за претстојниот викенд во Премиер лигата.
Проблемот настана откако ВАР ја искористи технологијата за да потврди дека Халанд е во регуларна позиција, но целосно пропушти да го примени субјективното правило. Енцо Фернандез, кој беше во чист офсајд, се обиде да игра со топката и директно му попречи на дефанзивецот на Јунајтед, Лисандро Мартинез – потег кој според правилата мораше да резултира со поништен гол.
Две компании, еден хаос во ВАР собата
За разлика од Светското првенство и Лигата на шампионите каде што се користи унифициран систем од еден провајдер (исклучиво Hawk-Eye), Премиер лигата е вистински исклучок. По еден тендерски процес, раководството на лигата одлучи да користи две различни компании: Genius Sports е задолжена за новата полуавтоматска офсајд технологија (SAOT), додека Hawk-Eye остана провајдер за гол-технологијата и стандардните видео-снимки. Иако поранешниот директор на лигата, Тони Сколс, најавуваше дека ова ќе ја донесе „најпрецизната технологија“, праксата го покажува спротивното.
Поранешниот премиерлигашки судија Грeам Скот објаснува дека ваквиот пристап е „непотребно несмасен“ и драстично го комплицира процесот.
„Кога имате два система, прво ги гледате снимките од обичните камери на полна брзина. Ако се посомневате на офсајд, тогаш мора да комуницирате со личност од друга компанија (Genius Sports) која се наоѓа во соседната соба на Стокли Парк. Го слушате само нивниот глас преку радио-врска и мора да се префрлите на сосема поинаков екран, преполн со огромна количина податоци кои треба брзо да ги дешифрирате во истиот момент. Ако офсајдот е едноставен, одлуката се носи брзо, но кај тесните ситуации, ваквиот трансфер на информации одзема драгоцено време и создава огромен притисок кај судиите“, открива Скот.
За жал на навивачите, Премиер лигата нема план да го унифицира системот во блиска иднина, барем сè додека не истечат актуелните договори со двете компании.
Проблемот со топката и лекцијата од Мундијалот
Уште еден огромен хендикеп за Премиер лигата во споредба со натпреварувањата на ФИФА и УЕФА е самата топка. Додека на Мундијалот се користеше технологијата на Adidas (Connected Ball) која има вграден микрочип за прецизно детектирање на моментот (во милисекунда) кога играчот ја удира топката, Премиер лигата нема таков луксуз.
Од сезоната 2025/26, официјален снабдувач на топки во англиската елита е Puma (која го замени Nike), но бидејќи германскиот бренд Adidas го држи патентот за микрочип технологијата, топките на Островот не испраќаат вакви податоци во ВАР собата. Ова значи дека англиските судии не добиваат моментална поддршка во реално време за тоа кога точно е упатено додавањето, туку мора да се потпрат на визуелна проценка на фрејмови, што остава дополнителен простор за човечка грешка.
Скот потсетува дека токму поради чипот и целосните 3Д аватари на играчите, Светското првенство било „апсолутно уживање“ за судење бидејќи одлуките се носеле беспрекорно за само неколку секунди – ефикасност која во моментов изгледа како недостижен сон за Премиер лигата.



