Фудбалерот Лука Сучиќ е суспендиран од хрватската репрезентација и нема да биде повикан за натпреварите кои “коцкастите” ќе ги играат во септември.
Наводно, суспензијата дошла откако тој решил да присуствува на свадбата на неговата сестра, нешто што селекторот Далиќ ниту го забранил, ниту го одобрил.
Според пишувањата на хрватските медиуми Далиќ му рекол “дека не може да му забрани, но го советувал внимателно да размисли за своите приоритети – квалификациите за Светското првенство или свадбата на сестра му”.
Сучиќ ги прашал и неговите соиграчи за совет, а скоро сите, вклучувајќи го и капитенот на репрезентацијата, Лука Модриќ, му кажале да не оди на свадбата.
Сепак, фудбалерот решил да присуствува на свадбата, по што кога се вратил во репрезентацијата му кажале дека ќе биде суспендиран за наредните натпревари, вклучувајќи го и оној против Чешка.
Спорниот момент се случил уште во јуни, но сега повторно се актуелизираше откако Сучиќ не се најде во составот на претстојните натпревари на хрватската репрезентација против Фарските острови и Црнагора.




