Дебатите во парламентите обично се фокусирани на суви бројки и статистички податоци, но шведскиот политичар Микаел Дамберг одлучи да користи фудбалска терминологија за да упати брутална критика до владата. За време на дискусијата за фискалната политика во шведскиот Риксдаг, Дамберг го искористи лондонски Тотенхем како синоним за лошо управување со ресурсите.
Дамберг, кој претходно служеше како министер за финансии на Шведска, не штедеше зборови за да ја опише моменталната состојба на економијата, споредувајќи ја со агонијата низ која минуваат навивачите на Спарси.
Тотенхем како мерна единица за неуспех
Според Дамберг, Шведска е во ризик да стане „Спарси“ – термин кој во фудбалскиот свет се користи за екипа која има огромен потенцијал и ресурси, но секогаш наоѓа начин да ги прокоцка шансите во клучните моменти.
„Тотенхем е еден од најугледните и најбогатите клубови во Англија, со енормен стадион и огромна база на навивачи. Тие имаат сè што е потребно за да бидат на врвот, но наместо тоа, се борат за опстанок. Тоа не е затоа што им недостасуваат пари, туку затоа што ги фрлија во вода сите можности што ги имаа“, изјави Дамберг пред пратениците.
Тој додаде дека токму тоа го прави министерката за финансии со шведската економија – поседува иновација, работна сила и моќни компании, а сепак не испорачува резултати. „Шведска не смее да си дозволи да настапува како Тотенхем“, поентираше политичарот.
Поразителен контекст за лондонскиот клуб
Критиката доаѓа во можеби најлошиот момент за Тотенхем. Иако минатиот мај успеаја да го прекинат 17-годишниот пост со освојување на Лига Европа, Спарси моментално се наоѓаат на понижувачкото 16-то место во Премиер лигата.
Отказот на Томас Франк и назначувањето на Игор Тудор како привремен менаџер само го потврдуваат хаосот во кој се наоѓа клубот. Дополнителен удар за нивната репутација во Скандинавија е фактот што двете најголеми шведски ѕвезди, Дејан Кулушевски и Лукас Бергвал, сега ќе мора да ги слушаат овие споредби во сопствената држава.
Тотенхем во недела го очекува големото дерби против Арсенал, натпревар кој би можел или да ги демантира шведските политичари, или дополнително да го зацементира нивниот статус на „најголемото разочарување“ во светскиот фудбал.



