Жозе Мурињо повторно е во центарот на вниманието, дури и кога самиот е суспендиран и нема да може да го води својот тим од клупата. Потегот на Бенфика да го вклучи Џанлука Престијани во официјалната експедиција и да му дозволи да тренира во Мадрид, и покрај забраната за настап, во Шпанија се толкува како тактичка игра на „Специјалниот“ со цел да се дефокусираат домаќините.
Пркос среде Мадрид под наредба на Мурињо?
Иако Престијани нема право да настапи на вечерашниот меч поради обвинувањата на Винисиус Жуниор за расистички навреди во Лисабон, тој вчера излезе на тревникот на „Бернабеу“ заедно со своите соиграчи. Ова не е вообичаена пракса за суспендирани играчи, но извори блиски до португалскиот клуб тврдат дека Мурињо инсистирал младиот Аргентинец да биде дел од групата за да се покаже „единство и пркос“ против одлуката на УЕФА.
Бенфика поднесе жалба на суспензијата, надевајќи се на чудо во последен момент, но присуството на Престијани на теренот на противникот повеќе личи на психолошка војна. Претседателот на Бенфика, Руи Коста, дополнително ја загреа атмосферата изјавувајќи дека неговиот играч е „распнат без докази“ и дека не е расист.
Куртоа и Арбелоа возвраќаат: „Ова е шанса за пресвртница“
Реакцијата од Мадрид не доцнеше. Голманот Тибо Куртоа застана во одбрана на Винисиус, нагласувајќи дека никаква прослава на гол не може да биде изговор за расизам.
„Мурињо е Мурињо, тој секогаш ќе го брани својот клуб, но ми пречи што прославата на Вини се користи против него. Тој не направи ништо лошо, само се радуваше на истиот начин како што многумина се радувале против нас. Како општество мора да престанеме да бидеме глупави“, изјави Куртоа.
Тренерот Алваро Арбелоа, пак, го повика раководството на УЕФА конечно да преземе конкретни чекори: „Имаме одлична можност ова да биде пресвртница. Се надевам дека УЕФА нема да остане само на слогани и знамиња, туку ќе ја искористи шансата за вистинска казна“.
Мбапе неизвесен, тензијата на максимум
Додека трае „војната“ со изјави, Реал Мадрид има и кадровски проблеми бидејќи Килијан Мбапе е сериозно неизвесен поради повреда на коленото. Со минимална предност од 1-0 од првиот меч и наелектризирана атмосфера поради случајот „Престијани“, вечерва на „Бернабеу“ нè очекува вистински пекол кој ги надминува границите на обичен фудбалски натпревар.



