8.8 C
Skopje

Тажен ден за македонскиот фудбал: Кога родителите ќе заборават дека спортот е само игра

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Ние во Спортска Станица сме најголеми противници на било какво насилство, особено во спортот. Иако не сакавме да пишуваме за тажниот настан што се случи во Штип, чувствуваме обврска да испратиме јасна порака: говорот на омраза и насилството немаат место на спортските терени, особено кога се во прашање децата.

На натпревар помеѓу дечиња родени 2009/10 година од екипите на Брегалница и Шкупи, се случи нешто што никогаш не смее да се случува. Група на возрасни, родители на гостинските фудбалери, влегле на теренот и физички ги нападнале младите фудбалери на домашниот тим. За жал, едно од децата се здобило со сериозни повреди и скршеници.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро го осуди инцидентот и најави дека ќе поведе дисциплинска постапка и ќе ги преземе најстрогите можни мерки против клубот и сторителите. “Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис”, порачаа од ФФМ.

Овој настан е потсетник зошто кампањите како онаа старата, легендарна на Пума – “Љубов = Фудбал” – се поважни од кога било. Фудбалот е игра на радост, пријателство и почит, а не на насилство. Тој треба да обединува, а не да дели.

Да се потсетиме на една од најубавите спортски реклами, која ја носи токму оваа порака.

 

Нашата заедничка обврска, како родители, како навивачи, како медиуми, е да создадеме безбедна и позитивна средина за нашите деца. Затоа што кога ќе ја изгубиме играта, сме изгубиле сè.

Целото соопштение од федерацијата можете да го прочитате на официјалната страница на ФФМ.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено