Зад нас е најголемото хрватско дерби. На теренот на „Максимир“, Динамо рутински го реши Хајдук со 2-0 (со головите на Бакрар и Бељо) и ја потврди својата доминација во ХНЛ. Но, да бидеме реални, денес никој не зборува за поседот на топка, тактичките замисли или ударите во рамките на голот. Сите зборуваат за она што се случи под северната трибина.
Главниот и ударен транспарент на „Bad Blue Boys“, светињата на секоја навивачка група, се најде во пламен на нивната сопствена трибина.
Да расчистиме една работа веднаш, како портал не поттикнуваме никакво палење, уништување имот или кршење на законите. Играњето со оган на преполн стадион носи свои ризици и јасно е зошто официјалните лица и полицијата се фаќаат за глава.
Но, во оној паралелен, суров и непишан свет на ултрасите, ова е акција која граничи со холивудски трилер. Да се биде ултрас значи да се живее за групата, а најголемиот трофеј и најголемото понижување кое можеш да му го приредиш на ривалот е поврзано токму со главниот транспарент. Според наводите, диверзантите (наводно преправени во редари со флуоресцентни елеци, а можеби и со помош на тајмер на далечинско управување) успеале да го запалат срцето на „Северот“. Во светот на навивачкиот фанатизам, кој ние длабоко го почитуваме бидејќи му ја дава на фудбалот онаа неопходна страст, ова беше „мастерклас“ потег на Торцида.
Секако, интернетот веднаш експлодираше. Во нашата омилена зона за тролање, секцијата за коментари, започна вистинска виртуелна војна.
Од една страна, симпатизерите на Хајдук веќе прогласија крај на БББ, споделувајќи некролози со натпис „13.03.1986. – 09.05.2026. BBB R.I.P.“, алудирајќи на старото навивачко правило дека губењето (или во овој случај палењето) на ударниот транспарент значи автоматско гасење на групата.
Од друга страна, Бојсите и динамовците тврдат дека ова не е ниту блиску до „R.I.P.“. Според нивното толкување на навивачкиот кодекс, транспарентот мора да „падне во борба“ (физички да се одземе), а не да се запали на далечина „како што прават кукавиците“. Патем, не пропуштаат да ги потсетат сплиќаните кој е вистински првак на државата и да им порачаат да погледнат кон семафорот кој покажуваше 2-0.
Коментарите како „Сами се изгасија, случајно“, „Ќе ви гори Далмација“, „Навивачи на батерии“ и расправиите околу тоа дали Бојсите всушност се угасиле самите себеси бидејќи биле невнимателни, се само доказ дека ХНЛ дербито го има најдобриот (и најтоксичниот) фолклор на балканот и пошироко.
На крајот од денот, секој си ја слави својата победа. Динамо зеде три бода на теренот, додека Торцида ја однесе победата на трибините и во рубриката „тролање на годината“. Полицијата и пожарникарите си го одработија своето, уапсија осомничени, а нам ни останува да уживаме во бесконечното препукување на релација Север – Југ до следното дерби.
Семафорот вели 2-0 за Динамо, но навивачкиот „скорборд“ моментално е во пламен. Буквално.



