Шкендија го дозна својот противник за плеј-оф рундата (1/16 финале) во Конференциската лига. Ждрепката сакаше „црвено-црните“ за пласман меѓу најдобрите 16 екипи да се борат против турскиот претставник Самсунспор.
Иако турскиот тим важи за фаворит на хартија, Шкендија со своите игри во групната фаза покажа дека има квалитет да им пркоси и на поголемите екипи. Првиот натпревар ќе се одигра во Скопје на 19 февруари, додека реваншот во Турција е закажан за седум дена подоцна, на 26 февруари.
Ѓоре Јовановски заедничката точка на двата клуба
Интересен факт кој му дава посебна тежина на овој двомеч е македонската тренерска легенда Ѓоре Јовановски. Тој е длабоко поврзан со двете екипи – во својата играчка кариера (1986-1988) настапуваше токму за Самсунспор, каде подоцна во 2002 година работеше и како тренер. Јовановски во 2013 година беше и првиот стратег на Шкендија по доаѓањето на новата ера со компанијата „Еколог“. Покрај него, и поранешниот голман Суат Зендели има настапувано за двата клуба во текот на својата кариера.
Што ако се мине Самсунспор?
Доколку Шкендија успее да ја приреди сензацијата и да го елиминира турскиот состав, во осминафиналето веќе чекаат нови сериозни имиња. Противник на тетовци во таа фаза би бил подобриот од дуелот помеѓу шпанскиот Рајо Ваљекано и украинскиот гигант Шахтјор Доњецк.
Пред Шкендија се денови на подготовка за историскиот двомеч кој може да го вивне македонскиот клупски фудбал на уште повисоко ниво.



