Некои клубови се бунеа за пренатрупаниот распоред со воведувањето на ФИФА Светското клупско првенство со новиот формат, а на некои им се допадна салдото на сметките по завршувањето на истото, па сега бараат да се одржува почесто.
Имено, според “ESPN” Реал Мадрид и неколку други клубови од Европа и Јужна Америка, изразиле заинтересираност за првенството да се одржува на секои две години.
Реал, кои стигнаа до полуфиналето на овој турнир, дома однесоа 82.5 милиони долари, додека победниците Челси инкасираа дури 114.6 милиони долари од неодамнешното издание.
Сега дел од клубовите кои видоа заработка од настапот, велат дека доколку Светското клупско првенство би се одржувало на секои две години, тоа би била одлична можност за зголемување на буџетите на клубовите.
Иако сè уште нема официјално барање за истото, челниците на клубовите кои се заинтересирани за ваквата идеја, веќе се сретнале со претставници од ФИФА за да разговараат за можностите.
Сепак, според извори од ФИФА, иако тие се задоволни од изминатото издание на турнирот, сепак сметаат дека не се подготвени за почеста организација на истиот, па тие се подготвуваат за следното Светско клупско првенство да се одржи во 2029 година.

На претходното Светско клупско првенство, ФИФА распредели буџет од 1 милијарда долари меѓу учесниците на турнирот. Очигледно, на челниците на одредени клубови не им беше важно мислењето на реномираните тренери и играчи кои уште од почетокот беа против одржувањето на турнирот, па сега не само што се за одржување на Купот, туку и би сакале да заработуваат почесто од него.
Меѓутоа, ваквиот огромен буџет за делење на наградите сепак е преголем залак и за ФИФА да го дели на секои две години, па оттаму и најверојатно доаѓа нивниот отпор околу новата идејата на клубовите. Дополнително, тие како причина против одржувањето на секои две години го навеле и евентуалниот судир на интереси со УЕФА, не сакајќи да влезат во конфликтни ситуации меѓу организациите.
Минатата година, тогашниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, изјави дека Реал нема да учествува на турнирот: “Еден натпревар на Реал чини 20 милиони евра, а тие сакаат да ни ја дадат таа сума за целото првенство. Не може така. А, исто како нас и други клубови ќе ја одбијат поканата да учествуваат”.
Како што видовме, Реал Мадрид учествуваше на турнирот, а очигледно на раководството и тоа како им се допадна новиот прилив на пари на нивната сметка, па брзо заборавија на зборовите на поранешниот тренер.