10.8 C
Skopje

Тони Блум: “Лага е дека ПСР ве тера да продавате, само организирајте си ги финансиите!”

Објавено:

Во ерата на арапски милијарди, американски инвестициски фондови и финансиски допинг, еден клуб од јужниот брег на Англија стои како светилник на разумот, докажувајќи дека успехот во фудбалот може да се изгради и на поинаков начин. Тој клуб е Брајтон и Хоув Албион, а човекот зад неговиот неверојатен подем е Тони Блум.

Според нас во Спортска Станица, Брајтон е најдобро водениот клуб во Англија, не само поради финансиската стабилност, туку и поради храбрата филозофија, модерниот и атрактивен фудбал, и неверојатната способност да создава ѕвезди од анонимни играчи.

Од трета лига до Европа: Патот на “галебите”

Кога Тони Блум, инаку страствен навивач на клубот уште од детството, го презеде Брајтон во 2009 година, тимот се наоѓаше на 16-то место во третата англиска лига. Денес, 16 години подоцна, Брајтон е стабилен премиерлигаш, учесник во европските купови и клуб кој остварува профит од стотици милиони фунти.

Тајната? Иновативност, храброст и систем кој функционира беспрекорно.


“Купи евтино, продај скапо” е уметност, а не само фраза

Моделот на Брајтон е познат: “купи евтино, продај скапо”. Но, додека многумина се обидуваат, ретко кој успева. Брајтон, благодарение на тајниот алгоритам на Блум и неверојатната скаутинг-мрежа, го претвори ова во уметност. Играчи како Моисес Каиседо (купен за 28 милиони евра, продаден за 116 милиони) е само еден од примерите.

“Ние сме во потрага по најдобрите можни играчи, вистинскиот тип, вистинската возраст, вистинската цена. Не нè интересира од каде доаѓаат”, вели Блум во интервјуто за “The Athletic”.

Лекција за финансискиот фер-плеј: “Не мора да ги продавате своите деца”

Во време кога клубови како Евертон, Нотингем Форест и Њукасл се соочуваат со казни поради кршење на финансискиот фер-плеј (PSR), Брајтон работи со профит од над 200 милиони фунти во последните две сезони. Блум нема симпатии за ривалите.

“Медиумите зборуваат дека правилата ги принудуваат клубовите да ги продаваат своите млади играчи од академијата. Тоа е целосна невистина. Не мора да ги продавате. Треба само да си ги организирате финансиите на начин на кој нема да бидете во ризик”, вели тој.

Нашиот став: Почит за работата, но не и за позадината

Да бидеме кристално јасни: минатото на Тони Блум како професионален покер играч и сопственик на компании за спортско обложување е нешто што ние во Спортска Станица не го поддржуваме и е целосно во спротивност со нашите начела.

Но, нашата работа е и да бидеме објективни. И кога некој работи добро, кога создава здрав и успешен спортски модел, ние сме први тука да го признаеме и да му оддадеме почит.

А начинот на кој Тони Блум го води својот клуб од детството е токму тоа, доказ дека и во модерниот фудбал, паметната работа, стратегијата и визијата можат да ги победат празните милијарди.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено