Тотален хаос во Лондон: Тотенхем размислува да го отпушти Игор Тудор по само три натпревари?!

 

Објавено:

Се чинеше дека кризата во Тотенхем не може да биде подлабока, но лондонскиот клуб секогаш наоѓа начин да нè изненади. Според натписите на британскиот „Телеграф“, раководството на Спарс сериозно размислува за нова шок-терапија: отказ за Игор Тудор по само три натпревари на клупата!

Хрватскиот стратег пристигна во северен Лондон кон средината на февруари (наследувајќи го Томас Франк) со задача да го спаси тимот од испаѓање, но неговиот почеток е вистински кошмар, три натпревари, три порази. Капитулациите од Арсенал, Фулам и последниот шок дома од Кристал Палас го турнаа Тотенхем во жестока битка за опстанок во Премиер лигата.

Навивачите бесни, раководството во паника

Чашата се прелеа на натпреварот против Палас (1-3). Освен што голем дел од навивачите го напуштија стадионот уште на полувремето, дури и оние најбогатите – членовите на ексклузивниот „Tunnel Club“ (чии сезонски билети чинат по 20.000 фунти) – директно го конфронтираа извршниот директор Винаи Венкатешам, барајќи одговори за насоката во која се движи клубот.

„Оној кој го вработи Тудор, треба да си замине заедно со него,“ е најчестиот коментар меѓу навивачите на социјалните мрежи, додека други иронично се прашуваат: „Дали Тотенхем сега ќе ротира нов менаџер на секои три натпревари само за да добие ‘new manager bounce’ (позитивен шок)?“

Според англиските медиуми, Тудор сигурно ќе го води тимот на претстојниот дуел во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид, како и на гостувањето кај Ливерпул. Но, клучниот натпревар е дербито за опстанок против Нотингем Форест на 22 март. Доколку работите не се променат брзо, Хрватот може да си замине уште пред тој дуел.

Кој би бил спасителот? Навивачите бараат „Брегзит фудбал“!

Интересно е што на форумите и социјалните мрежи, фановите на Тотенхем се согласни во едно, на тимот не му требаат скапи тактичари, туку старата школа на преживување.

Многумина полу-шеговито, полу-сериозно ги бараат Сем Алардајс (Big Sam) или Шон Дајч. „На овој тим полн со преплатени ѕвезди без карактер, му треба некој како Биг Сем за да им удри силна шлаканица и да ги натера да играат дефанзивно и цврсто,“ коментира еден навивач на Редит.

Во меѓувреме, раководството веќе работи на долгорочно решение за следното лето. Најсериозен кандидат доколку тимот остане во елитата е поранешниот менаџер на Брајтон и Марсеј, Роберто Де Зерби, кој неодамна остана без ангажман. Како опција за емотивно враќање се споменува и Маурисио Покетино, но во моментов прашање е кој воопшто би сакал да го преземе овој „брод што тоне“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено