Кошаркарите на Фенербахче славеа во драматична завршница против Барселона со 72-71, но тренерот на турскиот гигант, Шарунас Јасикевичиус, не беше расположен само за славје. Литванскиот стратег ја искористи прес-конференцијата за да испрати остра критика кон згуснатиот распоред во Евролигата, предупредувајќи за последиците врз здравјето на кошаркарите.
„Пет натпревари во девет дена е уништување“
Популарниот Шарас смета дека проширувањето на лигата и зголемениот број на натпревари го земаат својот данок, и физички и ментално.
„Од една страна, разбирам зошто го правиме ова со 20 тима. Но, од друга страна, ние ги уништуваме играчите. Нешто мора да се преземе. Во европската кошарка, и кошарката воопшто, не можеме да играме 5 натпревари во 9 дена, со веројатно 4 лета помеѓу нив. Играчите во одредени ситуации се целосно ‘изгорени’, и во главите и во телата. Тие се на ниво на целосна исцрпеност“, изјави Јасикевичиус.
🧨 @Thortontucker pic.twitter.com/Ld8ty7dIsq
— EuroLeague (@EuroLeague) December 23, 2025
Болдвин херој, новини за повредените
Натпреварот беше решен во последните секунди кога Вејд Болдвин реализираше три слободни фрлања за победа. Тој, заедно со Тејлен Хортон-Такер и Тарик Биберовиќ (по 16 поени), беа предводници на Фенербахче. Кај Барселона, Кевин Пантер (20 поени) и Дарио Бризуела (19 поени) беа најефикасни.
Јасикевичиус даде и краток „рапорт“ за повредените играчи на Фенер:
Скоти Вилбекин: Само што бил на преглед кај доктор, се очекува наскоро да почне со работа на терен.
Микаел Јантунен: Му требаат уште неколку дена.
Онуралп Битим: Ќе паузира најмалку уште две недели.



