Трет ден во Струга: Вардар закажа финале со Охрид, домаќинот во драматична битка до победа!

 

Објавено:

Познати се финалистите на 54. издание на Струшкиот ракометен турнир. Во третиот натпреварувачки ден, екипата на Вардар рутински обезбеди место во големото финале каде ќе се соочи со Охрид. Од друга страна, домаќинот Струга приреди вистинска драма во СЦ „Тими“, откако денешните натпревари беа преместени од отвореното игралиште поради дожд, и во неизвесен финиш славеше над српска Дубочица Лесковац.

Вардар рутински преку Бутел до ново финале

Екипата на Вардар ја запиша и втората победа во својата група, убедливо совладувајќи го Бутел Скопје со конечни 36-24.

„Црвено-црните“ одлично го отворија натпреварот и брзо стигнаа до солидна предност од шест погодоци, по што ракометарите на Бутел не се предадоа и успеаја да ја стопат негативата до само минус два. Сепак, по тајм-аутот кој го повика Иван Чупиќ, Вардар повторно заигра посериозно и на пауза замина со убедлива предност од осум гола (21-13).

Во второто полувреме немаше многу возбудувања. Двајцата тренери, Чупиќ и Стојанче Стоилов, им дадоа шанса за настап на сите ракометари кои ги имаа на располагање, а вардарци само рутински ја одработија задачата за нова победа и пласман во финалето.

Драма и големо домашно славје во Струга

Многу понеизвесно и поборбено беше претходно во денот на првиот меч, каде домаќинот Струга со 28-27 ја совлада екипата на Дубочица Лесковац, обезбедувајќи го второто место во групата. Оваа победа на Струга против странски тим доаѓа по многу години и е плод на огромна желба и мотив.

Српскиот претставник го отвори натпреварот со водство од 5-2, но стружани набрзина воспоставија рамнотежа и израмнија на 5-5. Избраниците на тренерот Божидар Мојсов одлично му парираа на поискусниот ривал, а благодарение на солидните одбрани на голманите Костадиновски и Јовановски, домаќините на полувреме заминаа со позитива од 14-12.

Второто полувреме донесе вистински резултатски клацкалки. Дубочица успеа да направи пресврт и да поведе со 20-19. Откако гостите пропуштија шанса за плус два, Костоски казни една нивна грешка и израмни на 20-20 на петнаесетина минути до крајот.

Стружани со силна одбрана вратија водство од 24-22, но Дубочица повторно израмни на 25-25 внесувајќи драма во финишот. Јукиќ прецизно реализираше пенал за 26-25, Јовановски надоврза со клучна одбрана, а Струга зголеми на 27-25 на само 60 секунди до крајот. На крајот, Јукиќ со уште еден гол ја потврди големата победа од 28-27.

Распоред за финалниот ден

Со овие резултати е комплетирана групната фаза, а распоредот за финалниот ден ветува одличен ракомет:

  • 10:00 часот (Меч за 5. место): Дубочица Лесковац – Бутел Скопје.
  • 18:30 часот (Меч за 3. место): Струга – Прилеп.
  • 20:30 часот (ФИНАЛЕ): Охрид – Вардар.

Големото финале е реприза од финалето на Купот на Македонија, но ќе послужи и како одлично загревање за Супер Куп пресметката меѓу истите две екипи закажана за 2 септември.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено