Иако трката во Монако има свои критичари, сепак тоа е една од најлегендарните Формула 1 патеки, а денес беше објавено дека истата ќе се вози најмалку до 2035 година со новото продолжување на договорот.
Трката во Монако низ годините била домаќин на едни од највозбудливите моменти во историјата на спортот, а сега со новите големи болиди, таа стана малку ограничена во однос на претекнувањата и сензациите.
Оваа година беше наметнато правилото за задолжителни два пит-стопа, но и тоа не помогна премногу за зголемување на возбудата.
Сепак, највозбудлив момент од трката во Монако се квалификациите, а тесните улици на живописниот град се тест за вештините на возачите.

Монако низ историјата има забележано легендарни победи на Аиртон Сена, Алан Прост, Михаел Шумахер и другите кои триумфираа на патеката. Во 2024 година, возачот на Ферари, Шарл Леклер испиша историја, кога стана првиот домашен возач кој успеал да победи на улиците во родниот град.
Трката во Монако е дел од Формула 1 светот уште од 1950 година, а наследството ќе продолжи најмалку и во наредната декада.
“Улиците на Монако одекнуваат со звуците на Формула 1 уште од најраните години на спортот, па чест ми е да најавам дека овој фантастичен настан ќе добие продолжување до 2035 година”, изјави претседателот на Ф1, Стефано Доменикали.




