Речиси една година по неговото пристигнување на Олд Трафорд, Рубен Аморим сè уште бара свој идентитет во најтешката работа во Англија – тренерската клупа на Манчестер Јунајтед.
Со само 19 победи на 50 натпревари и 37 бодови од 34 меча во Премиер лигата, сезоната на Португалецот тешко може да се нарече успешна. Но, ко-сопственикот на клубот, сер Џим Ратклиф, не планира панично копче. Напротив, тој повикува на трпение.
“Мора да бидеме трпеливи. Имаме долгорочен план, ова не е прекинувач што се вклучува преку ноќ”, изјави Ратклиф за “The Business Podcast“. “Рубен е добар човек. Но да се покаже дека е одличен тренер, потребни се три години. Не можеш да водиш клуб како Манчестер Јунајтед со реакција на секој наслов во весниците”.
Ратклиф го спореди процесот со Микел Артета во Арсенал, тренер кој двапати завршуваше на осмото место пред да ја изгради тимската стабилност што денес им донесе борба за титула.
Дали истата приказна може да се повтори и во Манчестер? Досега, Аморим не успеа да врзе две победи по ред во Премиер лигата, но последниот триумф од 2-0 над Сандерленд му донесе барем малку воздух пред следниот пеколен предизвик, гостувањето кај шампионот Ливерпул на 19 октомври.
Ратклиф вели дека ќе му даде време. Но на Олд Трафорд, каде што трофеите се мерна единица за трпение, три години можат да бидат вечност.