Нема да има пресврт во „случајот Престијани“. УЕФА јавно ја одби жалбата на Бенфика за привремената суспензија на нивниот крилен фудбалер, што значи дека Аргентинецот дефинитивно ќе го гледа вечерашниот реванш против Реал Мадрид од трибините.
Доказите на Винисиус се премногу силни
Иако Бенфика до последен момент се надеваше дека ќе го има 20-годишниот фудбалер на располагање, Апелационото тело на УЕФА пресече дека постојат доволно докази за случај на дискриминаторски јазик. Европската куќа на фудбалот соопшти дека постои основано сомнение („prima facie“) против Престијани по пријавата на Винисиус Жуниор за расистички навреди во Лисабон.
Ова е голем удар за плановите на Жозе Мурињо, кој иако е суспендиран, јасно стави до знаење дека стои зад својот играч. Вчерашниот тренинг на Престијани на теренот на Реал Мадрид беше последен обид за притисок врз УЕФА, но тој потег не вроди со плод.
Истрагата продолжува, можна е уште построга казна
Оваа суспензија од еден натпревар е само привремена мерка додека трае целосната истрага на етичкиот и дисциплинскиот инспектор. УЕФА нагласи дека дополнителни и многу построги санкции би можеле да бидат изречени по завршувањето на истрагата, што дополнително ја закомпликува позицијата на португалскиот клуб и младиот фудбалер.
Реал Мадрид вечерва влегува во мечот со предност од 1-0, а по оваа одлука на УЕФА, моралниот победник е веќе познат. Останува да видиме дали „кралевите“ ќе ја потврдат доминацијата и на теренот во наелектризирана атмосфера каде расизмот беше главна тема наместо фудбалот.



