УЕФА со силна казна: Луис Дијаз суспендиран три меча во ЛШ

Објавено:

Баерн Минхен доби сериозен удар во најлош можен момент: Луис Дијаз е суспендиран три натпревари во Лигата на шампионите поради црвениот картон што го доби против ПСЖ. Колумбиецот, кој тогаш блескаше со два гола во победата од 2:1, беше исклучен по остриот дуел со Ахраф Хакими во финишот на првото полувреме, дуел што заврши со повреда на зглобните лигаменти на Мароканецот.

УЕФА го оцени стартот како „сериозна груба игра“ и одреди суспензија што ќе го извади Дијаз од акција за дуелите со Арсенал, Спортинг и Унион Сен-Гилоаз. Тоа значи дека крилото ќе може повторно да игра во ЛШ дури на 28 јануари следната година, на гостувањето кај ПСВ Ајндховен во последниот меч од лигашката фаза.

Интересно, Винсент Компани очекувал минимална казна. „Мислев дека ќе пропушти само еден натпревар“, изјави тренерот на Баварците утрово. „Доколку биде повеќе, ќе бидам разочаран“. Неколку часа подоцна, токму тоа се случи.

И покрај ударот, Баерн останува лидер во првата фаза од ЛШ, со четири победи во низа, еднакви по бодови со Арсенал и Интер, но со подобра гол-разлика.

Дијаз, пак, беше во феноменална форма откако пристигна од Ливерпул летово. Покрај двата гола против ПСЖ, погоди и против Клуб Бриж, а во Бундеслигата има шест гола и четири асистенции на само десет настапи.

Сега Баерн ќе мора да ја помине најгустата серија од сезоната без својот најексплозивен играч.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено