Дисциплинската комисија на УЕФА уште еднаш покажа дека има нулта толеранција за пораки кои ги смета за несоодветни на фудбалските терени. Српскиот гигант Црвена Звезда ќе мора да плати вкупна казна од 95.500 евра поради низа пропусти на реванш натпреварот од Лига Европа против француски Лил, но најголемо внимание привлече делот од казната насочен кон навивачката кореографија.
Најголемиот дел од оваа сума, точно 40.000 евра, е изречен поради кореографијата на која беше прикажан ликот на Свети Симеон, основачот на српската држава, придружен со пораката: „Нека нашата вера нè води до победа“. Европската куќа на фудбалот го оцени ова како „пренесување порака несоодветна за спортски настан“, тврдејќи дека со тоа се нарушува репутацијата и интегритетот на фудбалот и на самата УЕФА.
Религијата како „прекршок“ и пиротехниката на трибините
Иако иконата на светителот беше централна точка во извештајот на делегатите, казната за Звезда не застана тука. Клубот од Белград ќе треба да плати дополнителни 17.000 евра за палење факели, 10.500 евра за фрлање предмети на теренот, како и 28.000 евра поради блокирани скали на трибините на стадионот „Рајко Митиќ“.
Овие санкции доаѓаат како последен удар за тимот кој беше елиминиран од Лил со вкупен резултат 2:1, останувајќи без пласман во групната фаза од натпреварувањето.
Казнет и Лил поради пораката „Нема предавање“
Интересно е што ниту францускиот клуб не помина без санкции, и тоа поради потег на своите навивачи кој директно се однесува на Србија. УЕФА го казни Лил со 89.000 евра бидејќи на првиот натпревар нивните фанови истакнаа транспарент со порака „Нема предавање“ и мапа на која Косово е прикажано како дел од Србија.
Покрај политичкиот транспарент, Французите се казнети и со дополнителни 40.000 евра за пиротехника и 24.000 евра за блокирани премини, со што вкупната сметка на двата клуба по овој двомеч надмина вртоглави 220.000 евра – сума која УЕФА ја инкасираше поради верски и политички симболи на трибините.
Не стивнуваат и реакциите на социјалните мрежи, а многумина велат дека УЕФА има двојни стандарди, казнувајќи икони, а дозволувајќи кореографии со демони и сатани. Погледнете дел од реакциите:



