Астон Вила повторно е страв и трепет во Англија и Европа, а главниот виновник за тоа е Унаи Емери. Со победата над Лил во првиот натпревар од осминафиналето во Лига Европа, шпанскиот стратег стана менаџерот кој најбрзо стигнал до јубилејни 100 победи во историјата на клубот од Бирмингем.
Рекорд за историските книги
Емери успеа да стигне до „стотката“ за само три години и четири месеци на кормилото на тимот. Со овој подвиг, тој го надмина легендарниот Рон Саундерс, човекот кој ја донесе последната титула за Вила во 1981 година. Додека на Саундерс му беа потребни четири полни сезони за овој учинок, Емери тоа го направи со неверојатна ефикасност, поставувајќи го и најдобриот процент на победи во историјата на клубот (55.2%).
Откако пристигна во октомври 2022 година, само двајца негови сонародници во Премиер лигата имаат повеќе победи од него во тој период – Пеп Гвардиола (137) и Микел Артета (118). Овој податок само потврдува дека Емери ја врати Астон Вила во самиот крем на англискиот фудбал.
Лига Европа како „домашен терен“
Шпанецот, кој веќе четири пати го кревал пехарот во ова натпреварување, има јасна цел – рекордна петта титула. Победата над Лил не само што донесе личен рекорд, туку послужи и како неопходен „рестарт“ за тимот по серијата од четири меча без триумф во домашното првенство. Капитенот Џон Мекгин истакна дека овој резултат е темел врз кој екипата ќе ја гради самодовербата за клучниот период од сезоната.
„Ни требаше ваков резултат по тешкиот месец. Ова е важен чекор напред. Знаеме дека можеме подобро, но победа во Европа е секогаш добра за моралот пред големите дерби натпревари што ни следуваат“, изјави Мекгин.
Емери откри дека пред почетокот на мечот ги мотивирал своите играчи користејќи ги неуспесите на останатите англиски тимови во Лигата на шампионите оваа недела. Неговата порака беше јасна – почит кон Европа и фокус на секој детаљ. Со Вила која моментално е четврта во Премиер лигата и гази сигурно во Европа, Емери докажа дека неговата епизода во Арсенал била само лош момент, а неговата вистинска вредност е токму ова што го гледаме денес на „Вила Парк“.



