МАДРИД – Правната битка околу инцидентот со куклата на Винисиус Жуниор доби своја завршница, но пресудата предизвика повеќе прашања отколку што даде одговори. Четворица припадници на навивачката група на Атлетико Мадрид, „Frente Atletico“, се осудени за закани и нарушување на правата на бразилскиот фудбалер, откако во јануари 2023 година обесија кукла со неговиот дрес од мост пред големото градско дерби.

Сепак, и покрај сериозноста на обвинувањата, ултрасите добија само условни затворски казни и нема да поминат ниту ден зад решетки. Оваа одлука, која вклучува и забрана за присуство на стадиони и парична казна, за многумина е доказ дека целиот случај е пренапумпан.
Она што медиумите го претставија како чин на омраза, голем дел од фудбалската јавност го гледа поинаку – како кулминација на фрустрацијата кон еден играч чие однесување на теренот често ги преминува границите на спортскиот фер-плеј. Винисиус, иако е фудбалски ас, е подеднакво познат и по своите провокации, симулации и расправии со противничките играчи и навивачи, што редовно создава токсична атмосфера.
Затоа, прашањето што се наметнува е дали омразата кон него е навистина поради неговото потекло, или пак е директна последица на неговиот арогантен став на теренот?

Додека Ла Лига и Реал Мадрид ја слават пресудата како „победа“, навивачите остануваат поделени. Дали казната за овој пех на ултрасите е праведна, или пак претставува опасен преседан каде што провокативното однесување на играчите се заштитува, а страста на навивачите се криминализира? Овој случај отвора сериозна дебата за тоа каде лежи границата и колкава е одговорноста на самите фудбалери за реакциите што ги предизвикуваат на трибините.


