Англискиот второлигаш Шефилд Венздеј денес го привлече вниманието на фудбалската јавност, откако историскиот фудбалски клуб беше жртва на уште еден неспособен газда кој дозволи огромни долгови и пропаст на клубот.
Изминатиов период имаше голем притисок за неговото повлекување, а навивачите ги испразнија трибините во знак на бојкот за неодговорниот сопственик Дејфон Чансири, што дополнително ги зголеми финансиските проблеми.
Шефилд Венздеј е еден од најстарите фудбалски клубови во Англија, кој денес официјално прогласи банкрот поради сериозните финансиски проблеми. Ова значи дека клубот не можеше да ги исплати долговите, вклучувајќи повеќе од 1 милион фунти неплатени даноци кон британската даночна служба (HMRC).
Влегувањето во банкрот доведе до автоматска казна од 12 бодови од Англиската фудбалска лига (EFL), што го остава клубот на последна позиција со -6 бодови во Чемпионшип лигата по 11 одиграни натпревари.
Chansiri name is now getting removed from the Hillsborough seats #SWFC
— FootballAwaydays (@Awaydays23) October 24, 2025
pic.twitter.com/7cPKQVxuBX
Тајландскиот сопственик на клубот, Дејфон Чансири, беше под огромен притисок од јавноста, а по прогласувањето на банкрот неговото влијание во клубот и официјално завршува, а администратори од компанијата “Бегбигс Трејнор” сега го водат клубот и стадионот Хилсборо, со цел да се најде нов сопственик.
По веста дека сопственикот официјално си заминува, вработените во клубот почнаа веднаш да ги отстрануваат столчињата од трибината на стадионот, со кои беше испишано името на сега веќе поранешниот сопственик Чансири. Ова беше симболичен чин на ослободување од неговиот авторитет, а навивачите изреагираа со мешавина од задоволство и надеж дека клубот ќе закрепне под новото водство.

Видеото од отстранувањето на столчињата на трибината на Хилсборо на социјалните мрежи во живо го следеа во ист момент и до 180 илјади гледачи. Тоа дека газдата си го испишал сопственото име на една од трибините, само кажува за каков човек станува збор.
Очигледно, сопствениците кои влегуваат во вековните англиски клубови со амбиции за ништо друго освен профитот, се подготвени да доведат во егзистенцијална криза нешто што пред нив опстојало стотина години. Ниту ги интересирал некогаш спортот, ниту традицијата, а најмалку навивачите, играчите и градот кој се идентификува со еден ваков клуб.
Во обид да го спасат клубот, веднаш по веста се огласија и играчите од клубот со отворено писмо во кое ги повикуваат навивачите да се вратат на трибините.
“Ви се обрачаме директно на вас, навивачите. Сакаме да ви кажеме колку го цениме она што го направивте, за да го заштитите овој голем клуб кои на сите нам толку многу ни значи. Ве повикуваме и замолуваме, почнувајќи од утре против Оксфорд, да се вратите на Хилсборо и да навивате за нас. Нема да се откажеме и ве молиме и вие да не се откажувате од нас. Заедно можеме да успееме. Заедно можеме да се бориме”, стои во писмото.
A message from the players to all Wednesdayites 🦉 💙 pic.twitter.com/Q2IrA40wu1
— Sheffield Wednesday (@swfc) October 24, 2025
И капитенот Бери Банан им се обрати со видео порака на навивачите, во која вели: “ние само сакавме да играме, а сега сте ни попотребни од било кога”.
A message from the skipper 💙 pic.twitter.com/PlRK37xMd2
— Sheffield Wednesday (@swfc) October 24, 2025
Сега клубот е во тешка ситуација, но со враќањето на навивачите на трибините се гледа мала помош во барањето на излезот од финансиската криза. Навивачите од друга страна го гледаат ова како шанса за нов почеток, иако постои ризик од испаѓање од лигата. Сепак, следните чекори ќе зависат од тоа колку брзо ќе се пронајде нов сопственик за Шефилд Венздеј, а како ќе се развива ситуацијата останува да видиме.
Thank you for your support 💙 pic.twitter.com/vTsxuNMYMs
— Sheffield Wednesday (@swfc) October 24, 2025


