10.8 C
Skopje

Вардар се засили со аргентинско крило!

Објавено:

Најтрофејниот македонски клуб, Вардар, продолжува да го гради тимот за новата сезона и европските предизвици. Во „црвено-црниот“ табор пристигна 27-годишниот Аргентинец Диего Факундо Кастањеда, кој доаѓа од редовите на црногорскиот вицешампион Петровац.

Фудбалерот роден во Буенос Аирес е класичен производ на аргентинската фудбалска школа и доаѓа да ги засили офанзивните редови. Кастањеда, кој игра на двете крилни позиции, зад себе има одлична сезона во Црна Гора, каде што беше еден од најдобрите поединци во лигата. На 31 натпревар за Петровац, тој постигна 7 голови и запиша 3 асистенции, со што го привлече вниманието на стручниот штаб на Вардар.

Она што го прави овој трансфер особено интересен е неговото фудбалско педигре. Кариерата ја започнал во младинските категории на аргентинскиот гигант Бока Јуниорс, каде што настапувал за младинскиот и за „Б“ тимот на славниот клуб од „Ла Бомбонера“.

Од Вардар не го кријат задоволството од новото засилување, нагласувајќи ги неговите квалитети: „Брзината, техниката, прецизните додавања и борбениот дух се одлики што го издвојуваат Кастањеда како значајно офанзивно оружје. Тој е автентичен производ на аргентинската фудбалска школа.“

Ова засилување доаѓа во клучен момент, бидејќи Вардар веќе се подготвува за европските предизвици. Во првото квалификациско коло од Конференциската лига, „црвено-црните“ за противник ја добија екипата на Ла Фиорита од Сан Марино, а Кастањеда веќе е дел од подготовките на тимот.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено