10.8 C
Skopje

Вардар со една нога во второто коло, Силекс и Работнички пред елиминација

Објавено:

Македонските клубови имаа половичен успех во првите натпревари од квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. Вардар оствари убедлива победа на домашен терен, додека Силекс и Работнички претрпеа тешки порази на гости кои значително им ги намалуваат шансите за пласман понатаму.

Вардар го скрши мразот и сонува за Лозана

Најтрофејниот македонски клуб, Вардар, по седум долги години се врати на европската сцена со стил, совладувајќи ја Ла Фиорита од Сан Марино со убедливи 3:0. Иако „црвено-црните“ се мачеа во првото полувреме, кое заврши без голови, во вториот дел целосно доминираа.

Резултатот го отвори Азер Омерагиќ во 47. минута, по што следуваше автоголот на Друди во 66-тата, за конечниот резултат да го постави одличниот Роџер Мато со прекрасен гол од далечина. Со оваа победа, Вардар практично го обезбеди пласманот во второто коло, каде што најверојатно ќе се сретне со швајцарска Лозана.

“Да ни понудеше некој 3:0 пред мечот, ќе прифатевме. Во првиот дел влеговме под грч, но измените дадоа резултат и заслужено победивме”, изјави по натпреварот тренерот Гоце Седлоски.

Извор: https://www.facebook.com/fcrabotnicki

Црвениот картон го “уништи” Силекс, Работнички “торпедиран”

За жал, другите два македонски претставници немаа успешна вечер.

Силекс загуби на гостувањето во Црна Гора кај Дечиќ со 2:0. Клучниот момент на натпреварот се случи во 50. минута, кога напаѓачот Мартин Мирчевски заработи директен црвен картон по еден неосторожен старт. Со играч помалку, кратовци не можеа да се одбранат и примија два гола, со што ги чека тешка задача на реваншот.

Најтежок пораз доживеа Работнички, кој на неутрален терен во Унгарија беше убедливо поразен од белорускиот Торпедо-БелАЗ со 3:0. “Романтичарите” примија гол уште во 12. минута, а потоа уште два во второто полувреме, со што нивната мисија за пласман понатаму изгледа речиси невозможна.

На реванш натпреварите за седум дена, Вардар ќе треба рутински да ја одработи задачата, додека на Силекс и Работнички ќе им биде потребно вистинско чудо.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено