Ракометарите на каталонскиот гигант Барселона вечерва за прв пат ќе гостуваат во салата “Боро Чупевски” во Битола, во рамките од натпреварите од Лигата на шампионите.
Иако гигантот пристигнува како голем фаворит над РК Еурофарм Пелистер, ним ниту најмалку ќе им биде лесно да играат во пеколната битолска атмосфера. Ако се земе во предвид дека билетите за натпреварот “исчезнаа” за само 8 минути, интересот на ракометната публика за вечерашниот меч е огромен.
Чкембари најавуваат спектакл на трибините, а рекометарите се подготвени да ги следат во походот кон освојување на големата Барселона.
Во пресрет на мечот вечерва, тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, ги сподели своите очекувања: “Барселона е една од најдобрите три екипи во светот. Секој натпревар против нив е посебен, затоа што имаат мнигу ѕвезди и многу добри ракометари. Мора да бидеме фокусирани на сите детали. Ракометниот има помош од фудбалскиот клуб, нивната структура е извонредна. Таму сите ракометари се фокусирани само на настапите”.
“Секој тим против Барса максимално се бори, но само до одреден момент. При секое губење на концентрацијата, тие постигнуаат 3-4 брзи голови од контра напади, бидејќи имаат одлична одбрана и најдобар голман во светот”, додава тој.
И ракометарот Анџеј Видомски вели дека најголем адут на вечерашниот дуел ќе им биде публиката: “Барса игра многу добро, во некои сегменти игра слично како Висла Плоцк. Знаеме како треба да играме и ќе се обидеме да го дадеме нашето најдобро издание. Сакам да ги повикам фановите, ни треба нивната помош”.
Фановите се огласија, билетите се распродадоа во рекордно време, па останува само да им посакаме на ракометарите одлична борба вечерва и победа против големата Барса!