Макс Верстапен повторно беше човекот што го преживеа хаосот. На спринт трката во Остин, Холанѓанецот не само што стартуваше беспрекорно од пол-позиција, туку и остана недопрен во трка што започна под безбедносно возило кога двата болиди на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пијастри, завршија надвор од игра уште во првиот свиок.
Сè започна со класична американска драма на патеката Америкас. Верстапен чисто поведе, но зад него се случи вистински хаос – Нико Хулкенберг го закачи Пијастри на самиот влез во свиокот, а Австралиецот, изгубен во контролата, директно налета во својот тимски колега Норис. И двата болиди на Мекларен излетаа од патеката уште пред трката навистина да започне.
No-one expected this to happen! 😱💥#F1Sprint #USGP pic.twitter.com/dnZcyUfF2S
— Formula 1 (@F1) October 18, 2025
Во судирот беше вклучен и Фернандо Алонсо, чиј Астон Мартин доби оштетување, додека Хулкенберг заврши во бокс со скршено крило и падна на 15-та позиција. Безбедносното возило веднаш беше активирано, а Остин уште еднаш покажа дека секогаш знае да донесе хаос на стартот.
По рестартот, Верстапен повторно ја презеде контролата, но под постојан притисок од Џорџ Расел. Младиот Британец дури се обиде со агресивен напад во свиокот 12, но двајцата излегоа надвор од патеката и Верстапен остана напред.
Зад нив, Луис Хамилтон и Шарл Леклер се бореа за подобар пласман. Хамилтон, со препознатлив инстинкт, го мина својот тимски колега и се проби до четвртата позиција.
Но драма имаше и понатаму. На 16-от круг Ленс Строл прецени при кочење во првиот свиок и удри во Естебан Окон по што двата болиди завршија надвор, а трката повторно доби безбедносно возило. Тука приказната и заврши, под жолти знамиња, со Макс Верстапен кој го донесе својот болид до 13-та спринт победа во кариерата.
Џорџ Расел заврши втор, Карлос Саинц трет, а зад нив Луис Хамилтон и Шарл Леклер. Алекс Албон донесе нови бодови за Вилијамс со шесттото место, Јуки Цунода беше седми, а младиот Кими Антонели ги освои своите први спринт бодови во Формула 1 со осмото место.
Хаотична трка, пет повлекувања и еден непоколеблив шампион – Верстапен повторно покажа дека во хаосот, само еден човек знае да ја најде линијата до победата.
