(Видео) АФКОН преглед: Нигерија во осминафинале, историска прва победа за Бенин, Садио Мане го спаси Сенегал!

Објавено:

„Супер орлите“ летаат во нокаут-фазата: Нигерија го преживеа налетот на Тунис

Нигерија ја потврди својата кандидатура за титулата откако во Фез го совлада Тунис со 3-2 и обезбеди пласман во осминафиналето како лидер во групата Ц. „Супер орлите“ доминираа и имаа убедливи 3-0 благодарение на головите на Виктор Осимен, Вилфред Ндиди и Адемола Лукман.

Сепак, Тунижаните не се предадоа. Талби намали на 3-1, а во 87-та минута Абди погоди од пенал за вистинска драма во финишот. Иако Тунис притисна за израмнување, Нигерија издржа и со максимални шест бода оди понатаму.

Историја за Бенин: Прв триумф на Африканските купови и надеж за осминафинале

Бенин конечно дочека да слави на еден АФКОН турнир! Со голот на Јохан Роше во 28-та минута, Бенин ја совлада Боцвана со 1-0, што е нивна прва победа во историјата на ова натпреварување. Овој триумф ги врати во игра за пласман во нокаут-фазата, додека за Боцвана ова е втор пораз по кој нивните шанси се сведени на минимум.

Мане го „поништи“ Бакамбу: Дерби реми меѓу Сенегал и ДР Конго

Во Тангер, поранешниот шампион Сенегал и ДР Конго одиграа возбудливо реми (1-1). Иако Сенегал доминираше во првиот дел преку Николас Џексон, ДР Конго поведе во 60-та минута преку Седрик Бакамбу. Радоста на „Леопардите“ траеше само осум минути, бидејќи Садио Мане налета на една одбиена топка и ги постави конечните 1-1, оставајќи ги двете екипи на врвот на групата со по четири бода.

Реми во источноафриканското дерби

Претходно денес, Уганда и Танзанија одиграа нерешено 1-1. Натпревар во кој офанзивецот на Вардар, Роџерс Мато, ја погоди пречката, но и трагичарот Окело кој промаши пенал за победа во 90-та минута. 👉 Прочитајте го целосниот извештај за настапот на Роџерс Мато и драмата на Уганда тука.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено