(Видео) Арсенал се извлече кај Баер, Хаверц стрелец против своите!

 

Објавено:

Она што беше најавено како емотивно враќање, се претвори во вистинска драма на „Бај Арена“. Во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, Баер Леверкузен и Арсенал одиграа нерешени 1:1, а човек на одлука беше кој друг, ако не – Каи Хаверц.

Иронија на „Бај Арена“: „Забранети корнери“?

Пред почетокот на мечот, на социјалните мрежи и низ стадионот кружеше интересна шега од страна на домаќинот. Навивачите на Леверкузен поставија знаци со натпис „No corners allowed“ (Забранети корнери), алудирајќи на тоа дека Арсенал е најопасниот тим во Европа по прекини. Но, фудбалот има чудна смисла за хумор, па токму Леверкузен беше тимот кој постигна гол по корнер!

По мирното прво полувреме, во кое Мартинели ја погоди пречката по асистенција на Ѓокереш, „фармацевтите“ шокираа веднаш на стартот на вториот дел. По одлично изведениот удар од аголот на Грималдо во 46-та минута, Роберт Андрих остана осамен на втората статива и со глава ја заби топката во мрежата на Давид Раја. Тоа беше првпат Арсенал да се најде во негатива во ЛШ оваа сезона.

Мадуеке изнуди, Хаверц егзекутираше

Микел Артета, кој направи дури 10 промени во однос на тимот што играше во ФА Купот, мораше да посегне по својот „џокер“ од клупата. Влегувањето на Нони Мадуеке и Каи Хаверц целосно го промени ритамот. Во 89-та минута, Мадуеке со силовит продор влезе во шеснаесеттникот каде беше сопнат од Тилман, а судијата веднаш покажа на белата точка. Одлуката за пеналот повторно не помина без коментари во јавноста, а многумина сметаат дека казната беше престрога.

Одговорноста ја презеде Каи Хаверц. Човекот кој помина 10 години во Леверкузен, покажа неверојатна присебност и го совлада Бласвих за 1:1. Како што доликува на еден професионалец, Каи не го прослави голот против својот клуб од детството, во знак на почит кон фановите кои го испратија во елитата.

Арсенал останува фаворит

Иако „топчиите“ ја прекинаа својата серија од 100% победи во Лигата на шампионите, Микел Артета може да биде задоволен со ремито на тешкото гостување. Со активен резултат и повратниот натпревар на „Емирати“ следниот вторник, Арсенал останува фаворит за пласман во четвртфиналето.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено