Астон Вила е новиот владетел на Лигата на Европа! На култниот стадион „Бешикташ Парк“ во Истанбул, избраниците на Унаи Емери одиграа перфектен, доминантен натпревар и со убедливи 3:0 го преслушаа германски Фрајбург, ставајќи крај на три децении долгото чекање на голем трофеј во Бирмингем. Ова е втора голема европска титула во клупската историја, заверена точно 44 години откако генерацијата од 1982 година го подигна тогашниот Куп на европските шампиони.
Големиот триумф од трибините во Турција го бодреше и најпознатиот навивач на клубот, принцот Вилијам, кој лудо славеше по последниот судиски свиреж, додека на теренот поддршка даваа и девет легенди од славната шампионска генерација од 1982 година.
Блицкриг во Истанбул и петта „круна“ за професорот Емери
Германскиот состав одолеваше на почетокот, а голманот Атуболу спречи ран гол на Морган Роџерс, додека искусниот Николас Хефлер, во својот последен натпревар во кариерата пред заминување во пензија, шутираше непрецизно. Но, финишот на првиот дел донесе вистински дебакл за Бундеслигашот. Во 41-та минута, по една перфектно одиграна акција од краток корнер, Јури Тилманс со прекрасен волеј-удар донесе водство од 1:0.
Пред самото заминување на одмор, во судиското продолжение, Еми Буендија постигна спектакуларен гол, погодувајќи со прекрасен ефе-удар од 18 метри за комотни 2:0.
Победата и дефинитивно беше запечатена во 57-та минута кога разиграниот Буендија нафрли на првата статива, а Морган Роџерс ладнокрвно ја смести топката во мрежата за 3:0. До крајот Амаду Онана ја погоди и стативата, а Вила пропушти уште неколку зрели шанси за уште поубедлив триумф, но славењето веќе одамна беше започнато.
Ова е историски момент за менаџерот Унаи Емери, кој стигна до својот петти трофеј во Лигата на Европа во кариерата. Шпанецот го презеде тимот во ноември 2022 година кога беа на само три бода над зоната за испаѓање, а за неполни четири години направи тотален ремонт, носејќи им на навивачите сигурен пласман во Лигата на шампионите и престижен европски пехар.
Извежбана акција и фудбалска лекција од германските навивачи
Стрелецот на првиот гол, Јури Тилманс, веднаш по натпреварот со зарипнат глас не го криеше своето воодушевување од остварениот успех.
„Чувството е неверојатно. Гласот комплетно ми е заминат, но вредеше! Одигравме врвен меч и ја крунисавме страшната сезона на најдобар можен начин. Гол-акцијата ја вежбавме само еден ден, во понеделникот, и еве вечерва излезе брилијантно. Ова беше сезона со многу падови, почнавме очајно и стандардите беа ниски, но секоја чест за играчите и штабот за начинот на кој ги свртевме работите. Следната сезона не чека Лигата на шампионите, а сега во раце имаме и голем трофеј!“, изјави пресреќниот Тилманс.
Покрај големото славење на Англичаните, натпреварот во Истанбул го одбележаа и фановите на Фрајбург, кои одржаа чиста лекција по навивачка култура и верност. Германските навивачи беа едноставно феноменални – пееја и ги бодреа своите миленици без престан во текот на сите 90 минути и покрај негативата на семафорот. Дури и по завршувањето на мечот, тие со кренати шалови и гласна песна останаа на трибините за да им се заблагодарат на играчите за историската европска бајка, покажувајќи ја вистинската убавина на фудбалот.
PRINCE WILLIAM ABSOLUTELY LOVES IT 👑 pic.twitter.com/HQyyMyzfJK
— Football on TNT Sports (@footballontnt) May 20, 2026



