Сезоната на Тотенхем, која и онака наликуваше на слободен пад, вечерва на „Метрополитано“ достигна ново, понижувачки ниско ниво. Во натпревар кој повеќе личеше на комичен скеч отколку на осминафинале во Лигата на шампионите, Атлетико Мадрид славеше со 5-2, искористувајќи го неверојатниот аматеризам во одбраната на гостите.
Трагедија во 17 минути: Кошмарот на Антонин Кински
Одлуката на Игор Тудор да го седне на клупа Гуљелмо Викарио и да му даде шанса на младиот Антонин Кински се претвори во најголемиот тренерски дебакл оваа сезона. 22-годишниот Чех двапати ја изгуби рамнотежата во клучни моменти, буквално подарувајќи им голови на Маркос Љоренте и Хулијан Алварез.
Помеѓу тие два кикса, се лизна и Мики ван де Вен, дозволувајќи му на Гризман лесно да погоди. Кога Ле Норман зголеми на 4-0 во 23-та минута, Тудор веќе го имаше повлечено Кински од игра по само 17 минути. Младиот голман во солзи го напушти теренот, тешен дури и од навивачите на Атлетико кои со сочувство го испратија овој личен дебакл.
Фестивал на грешки и на двете страни
Натпреварот беше толку бизарен што дури и Јан Облак не остана имун на грешките. По еден негов лош дегажман, Доминик Соланке постигна гол за Тотенхем, надоврзувајќи се на претходниот погодок на Педро Поро. Сепак, тоа беше само кратка пауза во мизеријата на Спарси.
Хулијан Алварез со својот втор гол по контранапад во второто полувреме ги постави конечните 5-2. За Тотенхем вечерта заврши уште полошо, бидејќи по судир со главите, Палиња мораше да излезе, а Кристијан Ромеро едвај го доигра мечот, оставајќи го тимот со играч помалку во финишот.
Колку уште може да издржи Игор Тудор?
Ова е четврти последователен пораз за хрватскиот стратег, кој беше донесен како „итна помош“, но наместо тоа, стана сведок на најголемите понижувања во поновата историја на клубот. Тотенхем е на само еден бод од зоната за испаѓање во Премиер лигата, а следната станица е гостувањето кај Ливерпул.
Управата на клубот сега е пред тешка одлука: Дали да му се дозволи на Тудор да го води реваншот, или сезоната веќе е официјално „фрлена во вода“? Едно е јасно – Тотенхем во моментов изгледа како брод кој тоне, а капетанот нема компас.



