(Видео) Атлетико се намачи, па со автогол ја продолжи победничката серија

Објавено:

Диего Симеоне и „фудбалска убавина“ ретко одат во иста реченица, но зборот „победа“ е она што постојано ги поврзува. Атлетико Мадрид се потеше, се мачеше и ја тестираше трпеливоста на своите навивачи, но на крајот, по стариот добар обичај, пронајде начин да дојде до трите бода. „Јорганџиите“ славеа со 1-0 против Хетафе, продолжувајќи ја својата импресивна низа на пет победи по ред во Ла Лига.

На „Метрополитано“ долго време мирисаше на „нула“. Атлетико започна офанзивно, со јасна намера да го реши мечот рано. Хозе Марија Хименез се закани со глава уште во шесттата минута, но неговиот обид беше одбранет, додека Алекс Баена пропушти полу-шанса која заврши високо над голот.

Но, Хетафе не дојде со бело знаме. Борха Мајорал имаше одлична шанса со глава која заврши директно во рацете на Хуан Мусо, а на почетокот на вториот дел, Мауро Арамбари испрати удар покрај голот, предизвикувајќи нервоза на трибините.

Трагедијата на Дуарте, среќата на Атлетико

И токму кога се чинеше дека времето истекува и дека Атлетико ќе киксне во потерата за врвот, среќата им се насмевна на домаќините.

Во 82-рата минута, Џакомо Распадори испрати остра топка во петерецот. Дефанзивецот на Хетафе, Домингос Дуарте, се обиде да расчисти, но наместо тоа, неспретно ги заплетка нозете и ја сврте топката во сопствената мрежа. Шок за гостите, ерупција од радост за „црвено-белите“.

Тоа не беше најубавиот гол, ниту најубавата победа, но за Симеоне тоа се само детали. Атлетико сега има само еден пораз во последните 11 натпревари и тивко, но сигурно, останува во игра за нешто повеќе оваа сезона.

Историјата се повторува по 46 години!

Оваа победа донесе и еден исклучително интересен статистички податок. Со голот вечерва, Атлетико Мадрид постигна барем еден погодок на СИТЕ 13 натпревари во Ла Лига оваа сезона.

Ваква ефикасност и константност во нападот клубот нема видено уште од далечната сезона 1978/79!

За Хетафе, пак, ова е втор пораз по ред без постигнат гол, што претставува сериозен удар за нивните амбиции за излез во Европа.


ОСТАНАТИ РЕЗУЛТАТИ: Драми и црвени картони

Денот во Шпанија донесе уште два неизвесни дуели каде ремито беше конечен исход:

  • Реал Бетис – Џирона 1:1: Валентин Гомез го спаси Бетис од пораз, поништувајќи го водството што го донесе Владислав Ванат за Џирона. Мечот заврши бурно, со црвен картон за Антони од редовите на Бетис.
  • Реал Овиедо – Рајо Ваљекано 0:0: Повратниците во Ла Лига, Овиедо успеаја да издржат и да освојат бод во „војната“ со Рајо. Натпреварот беше крајно тензичен и двете екипи го завршија мечот со играч помалку (исклучен беше Илијас Чаира кај домашните).

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено