Репрезентацијата на Зелено’ртските Острови испиша златни страници во својата фудбалска историја! Популарните „Сини ајкули“ одиграа реми без голови (0-0) против Саудиска Арабија и со тоа го осигураа второто место во Групата Х, обезбедувајќи пласман во нокаут-фазата во нивниот дебитантски настап на светските првенства.
Тие ја завршија групната фаза со три освоени бода (три нерешени средби), оставајќи ги зад себе двократниот светски шампион Уругвај и домаќинот на СП 2034, Саудиска Арабија. Нивната награда за овој херојски подвиг е монументален натпревар во 1/16 финалето против бранителот на титулата, моќната Аргентина, предводена од Лионел Меси.
Доминација без реализација и повреда на Ал Тамбакти
Иако натпреварот заврши без голови, Зелено’ртските Острови беа тимот кој покажа повеќе амбиции за победа. Вили Семедо ја имаше првата сериозна закана, но неговиот удар во блискиот агол беше одлично одбранет, пред да испрати уште еден обид покрај голот.
Во првото полувреме, Саудиска Арабија претрпе сериозен удар кога дефанзивецот Хасан Ал Тамбакти падна на тревникот без никаков контакт со противнички играч и мораше предвреме да биде изнесен од теренот на носилки по само половина час игра.
Кратко по стартот на второто полувреме, Кевин Пина испрати опасен удар од далечина кој за малку го промаши горниот агол. На 15 минути до крајот, саудискиот голман Мохамед Ал Оваис ги задржа надежите на својот тим во живот откако го одбрани ударот на Ларос Дуарте во ситуација еден-на-еден. Мрежите останаа да мируваат, што на крајот се покажа како историски резултат за африканската селекција.
Драма со телефоните по последниот свиреж
Сцените по крајот на натпреварот беа исклучително емотивни. Играчите на Зелено’ртските се собраа околу еден мобилен телефон на теренот, чекајќи го крајот на натпреварот меѓу Шпанија и Уругвај. Кога пристигна потврдата дека Уругвајците се поразени со 1-0, започна ерупција од радост и славје какво што ретко се гледа.
Оваа мала нација со само 525.000 жители, рангирана на 67-то место на ФИФА листата, ги освои срцата на фудбалскиот свет. Тие станаа само третата африканска нација која останала непоразена во групната фаза на својот дебитантски настап и првиот африкански дебитант што ја минал групата уште од Гана во 2006 година.
Играчот за врска Дерој Дуарте по натпреварот не можеше да ги сокрие емоциите:
„Искрено, ова е лудо. Се чувствувам како во сон. Уште од дете сонував да играм на Светско првенство. Да бидам играч на натпреварот и да испишам историја е нешто што никогаш не можев да го замислам. Прво ќе славиме, пресреќни сме! Се надеваме дека и сите дома се среќни. Од утре ќе се фокусираме на следниот натпревар. Играме против Аргентина, нели? Тежок натпревар, но ајде да веруваме. Сè е можно“.
Осминафиналниот спектакл меѓу Зелено’ртските Острови и Аргентина е закажан за в петок, 3 јули, на стадионот во Мајами.



