Во пресрет на утрешниот одлучувачки натпревар во Кардиф (20:45 ч.), селекторот на Велс, Крег Белами, отворено го призна притисокот врз неговиот тим, нагласувајќи дека победата е императив.
Македонија во Велс пристигнува во далеку покомотна позиција, поради подобрата гол-разлика, на нашиот тим му е потребен само бод за да го потврди второто место во групата Ј. За Велс, пак, игра само победа.
„Домашен бараж е огромна предност“
На прес-конференцијата, Белами беше јасен околу влогот. Тој потенцираше дека разликата помеѓу второто и третото место е клучна за иднината во баражот.
„Масивно е“, изјави Белами за важноста на второто место. „Можам да лажам и да кажам дека не е, но ајде, да се заврши втор и да се има домашен натпревар [во полуфиналето од баражот] е огромно“.
Тој објасни дека сценариото со трето или четврто место (во рангирањето на баражистите) носи пеколно тешка задача.
„Ако завршиме како четврти носители, нè чекаат тешки натпревари на гости против тимови кои се во тие групи, тука спаѓа и Италија,“ додаде Белами.
Без клучни играчи и со респект кон Македонија
Велс влегува во ова финале значително ослабен, без двајца клучни играчи од средниот ред, Итан Ампаду и Џордан Џејмс, кои се суспендирани поради жолти картони заработени на нервозниот дуел со Лихтенштајн.
Белами мораше да го правда и тесното издание (победа од 1-0) против аутсајдерот, објаснувајќи дека морал да го менаџира товарот на играчите, како Даниел Џејмс, кој се враќа од повреда.
Селекторот на Велс покажа голем респект за стилот на игра на Македонија, истакнувајќи дека очекува трпелив натпревар.
„Свесни сме дека мораме да победиме, но мораме да бидеме и трпеливи. Тоа е клучот. Македонија се брани длабоко. Тие се среќни да немаат посед, но имаат способност за контранапади, така што мора да бидеме свесни за тоа,“ анализираше Белами.
Во отсуство на повредениот Бен Дејвис и суспендираниот Ампаду, капитенската лента на Велс утре ќе ја носи Хари Вилсон.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



