На денешниот репертоар на натпревари од Премиер лигата ќе гледаме многу интересни мечеви, а први денот го отворија Челси кои на домашен терен го совладаа Фулам со 2:0.
Ова за Челси е прва победа на домашен терен во новата сезона, а со победата тие се искачија на првото место на табелата, барем до завршувањето на другите натпревари викендов.
Првото полувреме заврши со гол предност за домаќините, откако во деветтата минута од судиското надополнување новото засилување Жоао Педро уште еднаш покажа дека знае да погодува.

Вториот гол на Стемфорд Бриџ го постигна Енцо Фернандез од белата точка, во 56-та минута, за конечниот резултат од 2:0.
Натпреварот го одбележаа бројни прекини, а гостите покажаа вистинска борбеност на теренот, иако не успеаја на крајот да стигнат до погодок.
Челси, кој играше без повредениот Кол Палмер, повторно ќе се соочи со проблеми, откако на денешниот меч и Делап се пожали на повреда, по што мораше да биде заменет уште на стартот. Дали станува збор за посериозна повреда, ќе почекаме да видиме од официјалниот извештај на клубот.
На трибините на Стемфорд Бриџ денес беше и Алехандро Гарначо, кој само пред неколку денови го официјализираше трансферот од Манчестер Јунајтед.



