Челси продолжува да ја гради својата тивка, но стабилна форма. Тимот на Енцо Мареска славеше со 2-0 на гостувањето кај Барнли, резултат кој ги искачи Лондончани на второто место во Премиер лигата, три бода зад лидерот Арсенал.
И тоа во момент кога Кол Палмер штотуку се здоби со нова повреда, а Мојсис Каиседо седеше на клупата. Но Челси, повторно, се снајде. Не блескаше, но беше зрел, тактички дисциплиниран и смртоносно ефикасен.
Нетo го отклучи мечот, Фернандез го реши
Барнли почна поживо, со неколку обиди кои ја натераа одбраната на Челси да повлече рачна. Ентони и Тчауна упатија серија рани удари, а Роберт Санчез мораше да интервенира.
Челси влезе поспоро, со единствен тревожен удар кон голот на Дубравка преку Чалоба од дистанца. Но, првата вистинска шанса веднаш ја претворија во гол. Педро Нетo се најде на вистинското место во вистинско време, нурна кон топката и со прецизен удар по одличната асистенција од Џејми Гитенс донесе водство од 0-1.
Во второто полувреме Португалецот беше блиску до нов гол кога го погоди дирекот, но иако Барнли се обидуваше да израмни, Челси ја држеше контролата со игра од 60% посед и малку дозволен ризик.
Конечните 2-0 ги постави Енцо Фернандез, кој по брза транзиција и асистенција од младиот Марк Гуиу ладнокрвно ја затресе мрежата во 88. минута. Чист потпис на тим кој знае да ја затвори приказната кога најмногу треба.
Кукурелија најдобриот човек на теренот
Иако стрелците ги добија насловите, Марку Кукурелија беше двигателот на победата. Каталонецот постојано ги рушеше линиите на Барнли – влегуваше во шпиц, па во среден ред, создаваше хаос и влечеше играчи со себе.
Токму една таква „нападна“ акција од лев бек доведе до голот на Нетo, а уште двапати во второто полувреме Кукурелија повтори идентични влезови кои создадоа шанси.
Во тим без Палмер и со ограничени ротации, токму тој изгледаше како играч кој ја носи тежината на креацијата. Денес, без дилема, тој беше МВП на Челси.
Барнли: Многу храброст, премалку квалитет
Барнли уште еднаш ја покажа истата приказна од целата сезона – енергичен старт, храбар пристап, но премалку конкретност.
Ентони и Флеминг имаа шанси, но или шутираа бавно, или неточно, или директно во блок. Тимот на Скот Паркер работи, трча, се бори, но без завршница и без квалитет во последната третина, борбата за опстанок останува неизбежна.
Со поразот од денес, Барнли може да падне во зоната за испаѓање зависно од резултатите на Вест Хем и Нотингем Форест.
Што следува?
Челси се подготвува за тежок распоред:
- Барселона во Лигата на шампиони, во вторник
- Арсенал на „Стемфорд Бриџ“ на 30 ноември, директен дуел кој може повторно да ја закомплицира трката на врвот
Барнли, пак, гостува кај Брентфорд на 29 ноември во меч што веќе мириса како финале за опстанок.



