Возбудливо попладне во англиската Премиер лига! Додека Ливерпул доживеа нов тежок удар во битката за Лигата на шампионите, екипата на Фулам со фантастичен финиш режираше пресврт за радост на „Крејвен Котиџ“.
Брајтон 2:1 Ливерпул – Велбек ги потопи „Црвените“
Агонијата на Ливерпул оваа сезона продолжува. Избраниците на Арне Слот го претрпеа својот десетти првенствен пораз откако паднаа на незгодното гостување кај Брајтон.
Дени Велбек беше вистински кошмар за гостинската одбрана. Тој го отвори резултатот во 14. минута со прецизен удар со глава, а откако Милош Керкез израмни за Ливерпул во 30. минута по една катастрофална грешка на домашната одбрана, Велбек повторно стапи на сцена. Во 56. минута, искусниот напаѓач одлично се снајде во шеснаесетникот и ги постави конечните 2:1. Дополнителен проблем за Ливерпул е и раната повреда на Иго Екитике.
Фулам 3:1 Барнли – Блицкриг на лондончани
На „Крејвен Котиџ“, Фулам ги задржа своите европски амбиции откако со луд пресврт во второто полувреме го совлада тимот на Барнли кој грчевито се бори за опстанок.
Гостите изненадувачки поведоа во 60. минута преку Зиан Флеминг. Но, радоста на Барнли траеше кратко. Џошуа Кинг израмни во 67. минута, а само шест минути подоцна, Хари Вилсон со својот десетти првенствен гол сезонава донесе целосен пресврт (2:1). Точка на натпреварот стави Раул Хименез од пенал длабоко во судиското продолжение (90+5′), откако претходно Џош Лорент од Барнли заработи директен црвен картон.



