Екипата на Јувентус фаќа сериозен залет во Серија А. „Бјанконерите“ остварија убедлива победа од 3:0 на гостувањето кај Сасуоло, со што се искачија на четвртото место на табелата и се вклучија во најтесниот круг за титулата.
Херој на вечерта беше канадскиот напаѓач Џонатан Дејвид, кој по долго време конечно ги замолкна критичарите со гол и асистенција во рок од само една минута.
Автогол го отвори резултатот, Дејвид ја заврши работата
Јувентус доминираше од самиот почеток, но до водство стигна со малку среќа во 16-тата минута. Пјер Калулу центрираше, а дефанзивецот на домаќините, Тарик Мухаремовиќ, неспретно ја зафати топката и ја смести во сопствената мрежа за 0:1.
Во второто полувреме, следуваше „блиц-криг“ на гостите. Во 62-тата минута, Џонатан Дејвид одлично го проигра Фабио Мирети, кој зголеми на 2:0.
Само 60 секунди подоцна, Дејвид ја искористи катастрофалната грешка на одбраната на Сасуоло, го предрибла голманот Муриќ и ги постави конечните 3:0. Ова беше негов прв гол во Серија А по пауза од дури 16 натпревари, односно од првото коло на сезоната.
Спалети за малку ќе згрешеше
Интересен момент беше „уловен“ од микрофоните покрај теренот. Само неколку моменти пред Дејвид да експлодира со гол и асистенција, помошникот на Лучијано Спалети му сугерирал да го замени Канаѓанецот со Лоис Опенда. За среќа на Јуве, Спалети решил да го остави во игра уште малку.
Со оваа победа, Јувентус сега има 36 бодови, само три помалку од лидерот Интер, иако има одиграно два натпревари повеќе.



