Ниту една НБА сезона не поминува без Никола Јокиќ да пронајде нов начин да испише историја. Српскиот ас повторно го направи тоа, со четврти последователен трипл-дабл на стартот од сезоната 2025/26, Јокиќ се израмни со легендарниот Оскар Робертсон, кој уште во сезоната 1961/62 беше единствениот што ја започнал годината со четири вакви натпревари по ред.
Во убедливата победа на Денвер Нагетс над Њу Орлеанс Пеликанс (3-1), Јокиќ запиша 21 поен (10/15 шут), 12 скока и 10 асистенции за само 28 минути игра, при што Нагетси беа на плус 25 додека тој беше на паркетот. Ова беше неговиот 168 трипл-дабл во кариерата, а пред него на листата во историјата остануваат само Оскар Робертсон (181) и Расел Вестбрук (203).
Трикратниот МВП уште еднаш покажа зошто е најкомплетниот кошаркар на денешницата. Без разлика дали организира напад со едно движење, наоѓа соиграч со пас без да погледне, или ја завршува акцијата со елегантен флоутер, Јокиќ ја контролира играта со неверојатна леснотија. Против Пеликанс, дури се запиша и во рубриката “неверојатно” со ретка транзиција и забивање по додавање од Џамал Мареј.
JOK DUNK ALERT pic.twitter.com/MoqDwdS48S
— Denver Nuggets (@nuggets) October 30, 2025
Со оваа победа, Денвер ја отвори сезоната со три победи во првите четири натпревари и повторно изгледа како еден од најмоќните напади во лигата со просек од 124,1 поен на 100 поседи, трет најдобар во НБА. Иако летово го разменија Мајкл Портер Џуниор во Бруклин за Камерон Џонсон, Нагетс остануваат подеднакво опасни во напад, особено кога диригентот на нивниот оркестар е човекот од Сомбор.
Следниот предизвик за Јокиќ и Денвер ќе биде Портланд, каде што ќе започнат со учество во “Ин-Сизон” турнирот. Српскиот центар ќе има шанса да стане првиот играч во историјата на НБА што ќе ја отвори сезоната со пет последователни трипл-дабл натпревари, подвиг што дури ни Вестбрук не го направи.
Ако успее, уште еднаш ќе потврди дека светот на кошарката и понатаму се врти околу Никола Јокиќ.



