Порто продолжува со неверојатната форма со втора победа во Лига Европа, откако Родриго Мора во 89-та минута донесе 2:1 триумф над Црвена Ѕвезда. Со тоа, “драгао” ја продолжија перфектната серија на почетокот од сезоната, додека белградскиот тим останува со само две победи во последните 17 меча во европските купови.
Фаворитот од Португалија веднаш ја оправда улогата. Во 9-та минута младиот Вилијам Гомеш сигурно реализираше пенал по прекршок врз Дениз Гул. Но, Ѕвезда не се предаде и по промашената шанса на Иваниќ, Василије Костов со одличен удар израмни на 1:1.
Вториот дел донесе отворена игра од двете страни. Гомеш се закани со силен удар, Арнаутовиќ не погоди со глава, а Мора беше запрен во последен момент од Тебо Учена. Српскиот шампион имаше и златна шанса преку резервистот Бруно Дуартe, кој од осум метри шутираше високо над голот.
Казната стигна во финишот – Пепе несебично асистираше, а Мора од непосредна близина ја затресе мрежата и му донесе на Порто драматичен триумф. Со ова, тимот ја продолжи својата серија од девет последователни победи во сите натпреварувања и останува еден од најголемите фаворити за висок дострел во Лига Европа.