Какво саботно попладне во Бундеслигата! Баерн Минхен конечно „згазна на мина“ и ја прекина неверојатната серија од 16 победи по ред во сите натпреварувања.
„Баварците“ се спасуваа од шокантен пораз во Берлин, додека Баер Леверкузен одржа лекција по фудбал и броеше до шест. Во дербито на Рајна, Борусија Менхенгладбах беше подобра од Келн, а Дортмунд испушти победа во 97. минута.
(Видео) Унион Берлин 2-2 Баерн Минхен
Тврдиот Унион Берлин беше на чекор до историска победа против шампионот. Херој на домашните беше дефанзивецот Данило Дуки, кој постигна ДВА гола. Тој прво донесе водство од 1-0, а потоа, откако Луис Дијаз израмни со вистинска магија од „мртов агол“, Дуки повторно погоди во 83. минута за 2-1.
Кога „Старата шума“ се подготвуваше за славје, Хари Кејн го направи она што го прави најдобро. Во 93. минута, Англичанецот со глава ја смести топката во мрежата за 2-2 и го спаси тимот на Компани од првиот пораз.
(Видео) Баер Леверкузен 6-0 Хајденхајм
„Фармацевтите“ на Каспер Хјулманд беа брутални. Го „растурија“ Хајденхајм со 6-0, а натпреварот беше решен по само 27 минути игра, кога резултатот веќе беше 4-0.
Патрик Шик и 19-годишниот Ибрахим Маза постигнаа по два гола, а во листата на стрелците се запишаа и Јонас Хофман и Ернест Поку.
(Видео) Хамбургер 1-1 Борусија Дортмунд
Борусија Дортмунд пропушти шанса да скокне на табелата откако прими гол во 97. минута! Карни Чуквуемека донесе водство за „Милионерите“ во 64. минута, и се чинеше дека тимот на Нико Ковач ќе ја одбрани минималната победа.
Сепак, во седмата минута од судиското надополнување, Рансфорд-Јебоа Кенигсдорфер со фантастичен скок и гол со глава донесе делириум на „Волкспаркстадион“ за 1-1.
(Видео) Борусија Менхенгладбах 3-1 Келн
Менхенгладбах го доби дербито на Рајна и врза две победи по ред првпат оваа сезона. Филип Сандер донесе водство пред полувремето, откако претходно Харис Табаковиќ промаши пенал. Сепак, Кевин Дикс од втор пенал (61’) и самиот Табаковиќ (64’) ја решија дилемата, пред Лука Валдшмит да постигне утешен гол за Келн.
Хофенхајм 3-1 РБ Лајпциг
Хофенхајм ја прекина серијата од осум меча без пораз на РБ Лајпциг. Иако гостите поведоа преку Диоманде, Хофенхајм направи целосен пресврт со головите на Хајдари, Лемперле и Премел за конечни 3-1.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



