(Видео) Ел Класико на новата ера: Мбапе и Белингем ја урнаа серијата на Барса

Објавено:

Реал Мадрид со триумф од 2-1 над Барселона во првото “Ел Класико” од сезоната 2025/26 ја прекина доминацијата на Каталонците и ја зацврсти лидерската позиција во Ла Лига. Мечот на “Сантијаго Бернабеу” донесе сè што ова дерби може да понуди – емоции, хаос, ВАР-драми и голови од двете ѕвезди на новата генерација, Килијан Мбапе и Џуд Белингем.

Барселона влезе во натпреварот со надеж за петта последователна победа во “Ел Класико”, нешто што само еднаш во историјата им има успеано, но од самиот старт беше јасно дека ова ќе биде ноќ на Реал.

Само по две минути игра, Винисиус Жуниор беше соборен во шеснаесеттникот од Ламин Јамал, по што судијата покажа на белата точка, но по ВАР прегледот одлуката беше поништена. Ова беше првиот знак дека ова ќе биде уште едно “Ел Класико” полно со полемики.

Десет минути подоцна, Мбапе ја вжешти атмосферата со фантастичен волеј, но и тој погодок беше поништен за минимален офсајд.

Во 22-та минута, повеќе немаше дилеми. Белингем со совршено додавање ја исече одбраната на Барселона, а Мбапе ладнокрвно заврши за 1-0 и свој 16-ти гол сезонава.

Каталонците успеаја да израмнат пред паузата, кога по грешка на Арда Ѓулер, Маркус Рашфорд му асистираше на Фермин Лопез за 1-1. Но радоста траеше кратко. Веднаш потоа, по центаршут од Милитао, Белингем се најде на вистинското место и одблиску ја врати предноста на “кралевите”. Со тоа стана првиот Англичанец што постигнал и асистирал гол во едно “Ел Класико” во Ла Лига.

На почетокот од второто полувреме, Мбапе доби шанса од белата точка поради игра со рака на Ерик Гарсија, но Војчех Шчесни одбрани и ги задржа гостите во игра. И покрај тоа, Барселона не најде начин да се врати. Тимот на Ханси Флик, кој од трибините ја следеше средбата поради суспензија, делуваше бледо и без идеја.

Извор: https://x.com/realmadrid

Во финишот, Педри доби втор жолт картон и ги остави Каталонците со играч помалку, со што сите надежи за израмнување згаснаа. Мечот заврши со нова ерупција на “Бернабеу”, додека Винисиус незадоволно реагираше на својата замена, единствениот темен момент за Реал во оваа вечер.

Ова беше деветта последователна домашна победа на Реал Мадрид во Ла Лига, нешто што се случува за првпат по 2015 година, како и прв “Ел Класико” триумф на Чаби Алонсо во домашното првенство.

Со оваа победа, “кралевите” бегаат на пет бода пред Барселона, а Мбапе и Белингем повторно потврдија дека новата генерација на Реал е подготвена да владее.

Извор: https://x.com/FCBarcelona

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено