Гвардиола го прослави 1.000-тиот натпревар со моќна победа од 3-0 над „црвените“. Манчестер Сити со најдоминантното издание оваа сезона го уништи Ливерпул со 3-0 на „Етихад“ и се врати на второто место на табелата, само четири бода зад лидерот Арсенал.
Вечерта ја обележа блескавата партија на Џереми Докy, кој во своето јубилејно 100-то појавување за клубот постигна фантастичен погодок, а Пеп Гвардиола го одбележа својот 1.000-ти натпревар во тренерската кариера со стил.
Арсенал со ремито против Сандерленд (2-2) им ја отвори вратата на ривалите, а Сити не ја пропушти шансата. Халанд промаши пенал во 13-та минута, но го отвори резултатот со удар со глава по половина час игра. Нико Гонзалес со малку среќа и одбиена топка зголеми на 2-0 во финишот на првото полувреме, а сè заокружи Докy со вистинско ремек-дело во 63-та минута.
Ливерпул имаше моменти на отпор, вклучително и поништениот гол на Ван Дајк поради офсајд на Робертсон, но генерално беше целосно надвладеан. Тимот на Арне Слот, кој веќе запиша пет порази во 11 кола, делува без идеја и сила да одговори, без темпото кое треба да го има актуелниот шампион.
Како течеше натпреварот
Од првиот свиреж, Сити го зададе темпото. Докy со своите продори го „растури“ Конор Бредли и веќе во 13-та минута избори пенал по интервенција на ВАР. Меѓутоа, Мамардашвили го прочита Халанд и го одбрани ударот од белата точка.
Тоа не го обесхрабри Норвежанецот, па во 29-та минута го отвори резултатот со глава по прекрасна акција во режија на Нуњеш и Фоден. Ливерпул кратко се надеваше на израмнување, но ВАР им го поништи погодокот на Ван Дајк.

Во самата завршница на првото полувреме, несреќно поставениот Ван Дајк го измами сопствениот голман по ударот на Гонзалес, и Сити замина на одмор со сигурни 2-0.
Вториот дел мина во апсолутна контрола на домаќините. Докy ја круниса својата вечер со феноменален удар во горниот агол за 3-0. Ливерпул немаше одговор, а обидите на Собослај и Салах беа единствените блесоци во сивата вечер за тимот на Арне Слот.
Гвардиола со 1.000 натпревари, јубилеј со стил!
Во својата јубилејна средба, Пеп Гвардиола уште еднаш ја потврди својата фудбалска филозофија со високо темпо, брзи трансфери и апсолутна доминација во пасот. Секоја акција на Сити беше минијатура на модерниот фудбал, а Доку беше симбол на таа енергија – директен, експлозивен и непредвидлив.
Со оваа победа, Сити се доближува на четири бода до Арсенал и ја продолжува серијата од четири победи во сите натпреварувања. По репрезентативната пауза, ги очекува гостување кај Њукасл Јунајтед.

Ливерпул повторно во криза
По краткиот блесок против Астон Вила и Реал Мадрид, Ливерпул повторно потона. Тимот на Арне Слот делува без баланс и без идеја во нападот. Екитике беше целосно изолиран, а Салах и Собослај без вистинска поддршка.
По 11 кола, „црвените“ се само осми, со загубен ритам и без препознатлив интензитет. Следниот предизвик ќе им биде дома против Нотингем Форест, што ќе биде можеби и клучен за тоа дали нивната одбрана на титулата има уште живот.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



