(Видео) Езе со хет-трик го „запали“ Северен Лондон! Арсенал сега бега со плус 6 на врвот!

Објавено:

Северен Лондон повторно беше обоен во црвено. Во дербито на денот, Арсенал го растури Тотенхем со спектакуларни 4-1, вечер што ќе се памети како ноќта на Ебреџи Езе, човекот кој не така одамна можеше да заврши токму во белите дресови.

Емиратите вриеја уште од првиот свиреж. „Топџиите“ не дозволија ни секунда мир. Деклан Рајс ја отвори офанзивата, Букајо Сака ја продолжи, а потоа Арсенал почна да го гуши Тотенхем со темпо што едноставно не се издржуваше.

Првиот удар стигна во 36-тата минута: Микел Мерино со совршена топка го најде Леандро Тросар, кој со маестрален прв допир и малата помош од Ван де Вен ја отвори вратата кон црвено-бела доминација.

И потоа – шоуто на Езе.

Минута пред паузата, „седмицата“ на Арсенал измрда двајца играчи, шутираше низ блокот и го најави најдобриот ден во својата кариера. Тотенхем уште не се врати по ударот, а 35 секунди по продолжението, Езе повторно ја распара мрежата, овој пат со прецизен удар со левица во долниот агол.

Спарси, до тој момент без ниту еден обид, од нигде-никаде намалија преку Ричарлисон, кој ја искористи моменталната дезориентација на Раја и го лобуваше од 40 метри. Накратко, само накратко, надежта се врати во редовите на „белите“.

Но, приказната мораше да заврши како што почна: со Езе. Тросар повторно го пронајде, а Езе со смиреност на играч роден за големи сцени го „закова“ третиот погодок. Хет-трик во своето прво севернолондонско дерби и прв за него во сениорската кариера. Против тимот што го сакаше. Во сезоната во која Арсенал повторно изгледа како шампионски проект.

Арсенал следно оди во Европа за Лигата на шампионите, а потоа следува и дерби со Челси со самодоверба која мириса на 2004. Тотенхем? Деветти, под притисок, со навивачи кои веќе шепотат дека Томаc Френк мора да смисли нешто повеќе од „солидна одбрана“.

Астон Вила се качи на четвртото место, Морган Роџерс им го сврте мечот на Лидс

Во сенката на големото дерби, Астон Вила направи уште еден чекор во својата тивка, но сериозна трка за Европа. Тимот на Унаи Емери славеше со 2-1 на „Еланд Роуд“, благодарение на блескавиот втор дел и импровизираниот херој, Морган Роџерс.

Лидс започна жестоко, поведе рано преку Нмеча, и имаше уште две шанси да го удвои водството, но таму беше расположениот Еми Мартинез. И токму кога домашните веруваа дека ја имаат контролата, Вила ја смени брзината: со влезот на Мален, играта се отвори и Роџерс само го чекаше својот момент.

Извор: https://www.premierleague.com

Прво израмни со технички совршено удар во 48-та минута. Потоа, во 75-та од слободен удар погоди за замолкнување на трибината.

Лидс имаше кратка радост преку Калверт-Луин, но ВАР им ја згасна. На крај, Вила издржа и се искачи на четвртото место, со шест победи во последните седум кола.

Колото се завршува утре со уште еден интересен дуел, овој пат меѓу Манчестер Јунајтед и Евертон.



Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено