Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, уште еднаш ја покажа својата класа и ментална цврстина! Во спектакуларно финале на силниот ИТФ турнир во Слобозија, Романија, таа со голем пресврт успеа да ја совлада домашната тенисерка, Елена Руксандра Бертеа, со 2:1 во сетови (3:6, 6:3, 6:4) и да стигне до својата втора титула оваа сезона.
Оваа победа е многу повеќе од само трофеј, таа е билет за голем скок на ВТА-листата и враќање на вратата на Грен слем турнирите!
Пресврт за паметење: Кога е најтешко, Лина е најдобра!
Финалето започна тешко. Поддржана од домашната публика, Бертеа го доби првиот сет со 6:3. Но, тогаш на сцена стапи македонскиот инает. Ѓорческа не само што не се предаде, туку го подигна нивото на игра, го доби вториот сет со 6:3 и го одведе натпреварот во решавачки, трет сет.
Во него се водеше жестока битка, но во клучните моменти, Лина беше похрабра и поконцентрирана. Со брејк во вистински момент, таа го доби сетот со 6:4 и по повеќе од два часа игра, стигна до својата 15-та ИТФ титула во кариерата.
Погледнете го целиот финален натпревар и уживајте во мајсторските потези:
Патот до титулата: Доминантна недела во Романија
Ѓорческа одигра фантастичен турнир, на кој загуби само еден сет – токму во финалето. Таа доминираше во сите претходни натпревари, покажувајќи дека се наоѓа во одлична форма.
Што е следно? Напад на топ 200 и квалификации за Грен слем!
Со оваа победа, Ѓорческа ќе се искачи помеѓу 250-те најдобри тенисерки на светот. Веќе следната недела, таа ќе настапи на уште посилен турнир од категоријата W75, каде што со добар резултат ќе има шанса да се доближи до топ 200, што ќе ѝ обезбеди место во квалификациите за најголемите Грен слем турнири. Браво Лина!