Бајката на Рексам продолжува. Велшкиот клуб, во сопственост на холивудските ѕвезди Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени, направи сензација во третото коло на ФА Купот, исфрлајќи го премиерлигашот Нотингем Форест по изведување на пенали.
Натпреварот на „Рејскорс Граунд“ беше вистински трилер кој заврши 3:3 по 120 минути игра. Херој на вечерта беше голманот Артур Оконкво, кој одбрани два пенали во рулетот и му донесе победа на својот тим од 4:3.
Драма во Велс: Од 2-0 до 3-3
Рексам имаше почеток од соништата. Либерато Какаче (37’) и Оливер Ратбон (40’) донесоа предност од 2:0 на полувреме, пред очите на воодушевениот Рајан Рејнолдс.
Но, Форест не се предаде. Игор Жезус намали (64’), а иако Доминик Хајам зголеми на 3:1 (74’), следуваше шоуто на резервистот Калум Хадсон-Одои. Тој со два гола, од кои едниот во 89-тата минута со спектакуларен волеј, го однесе натпреварот во продолженија.
Оконкво херој во пенал-рулетот
Во пенал серијата, Оконкво ги одбрани ударите на Игор Жезус и Омари Хачинсон, додека за Рексам прецизни беа Виндас, Дојл, Томасон и Родригез. Ова е прва победа на Рексам над тим од Премиер лигата по 1999 година.
Погледнете ги најдобрите моменти од овој незаборавен натпревар:



