Ако по утрото денот се познава, тогаш 2026 година во Бундеслигата ќе биде пеколна! Ајнтрахт Франкфурт и Борусија Дортмунд го одиграа еден од најдобрите натпревари на сезоната, ремизирајќи 3:3 во меч кој имаше сè, од дебитантски голови до инфаркт завршница во судиското надополнување.
„Дојче Банк Парк“ беше сведок на вистински трилер. Дортмунд водеше, Франкфурт се враќаше, а на крајот бодовите беа поделени откако двете екипи постигнаа голови во длабокото надополнување.
Дебитанти и пенали
Гостите поведоа експресно преку Максимилијан Баер во 10-тата минута, но Ајнтрахт брзо одговори. Младиот турски талент Џан Узун беше сигурен од белата точка во 22-рата минута за 1:1.
Второто полувреме донесе уште поголема возбуда. Феликс Нмеча (68’) ја врати предноста на „Милионерите“, но само три минути подоцна, дебитантот Јунес Ебнуталиб – кој дојде од Елверсберг како најдобар стрелец во Цвајта – постигна гол на своето деби за 2:2.
Лудница во судиското продолжение
Кога сите мислеа дека мечот ќе заврши нерешено, следеше хаосот. Во 92-рата минута, поранешниот играч на Дортмунд, Махмуд Дахуд, погоди за 3:2 и експлозија на трибините во Франкфурт. Тренерот Топмелер славеше, мислејќи дека победата е в џеб.
Но, Дортмунд не се предаде. Во 96-тата минута, резервистот Карни Чуквуемека се најде на вистинското место и ја смести топката во мрежата за конечни 3:3, спасувајќи бод за својот тим.
Ова реми го остава Дортмунд на втората позиција, додека Франкфурт останува во битката за местата кои водат во Европа.



