Годината завршува со „Нероазурите“ на врвот, но трката за Скудетото никогаш не била поизедначена. Интер, Милан и Наполи ги освоија своите бодови во колото кое ја одбележа неделата.
Лаутаро го прифати „подарокот“ во Бергамо за прво место
Интер славеше со минимални 0-1 на тешкото гостување кај Аталанта, задржувајќи ја лидерската позиција во Серија А. Натпреварот беше израмнет, со многу шанси и поништени голови на двете страни поради офсајд.
Одлучувачкиот момент се случи во 65-та минута кога Берат Ѓимшити направи катастрофална грешка во одбраната на домаќините. Неговото лошо додавање го пресече младиот Пио Еспозито, кој веднаш го проигра Лаутаро Мартинез, а Аргентинецот не згреши за свој четврти меч по ред со постигнат гол. Аталанта пропушти „зицер“ за израмнување преку Самарџиќ во финишот, со што Интер го запиша деветтиот триумф по ред над овој противник во сите натпреварувања.
Нкунку „експлодира“, Милан накратко беше лидер
Милан на „Сан Сиро“ ја прегази Верона со 3-0. По мирниот старт, Кристијан Пулишиќ ја отвори мрежата во судиското продолжение на првиот дел, достигнувајќи го врвот на листата на стрелци (8 гола). Второто полувреме му припадна на Кристофер Нкунку. Французинот, кој долго ја чекаше својата форма, постигна два гола за само четири минути (еден од пенал, еден од одбиена топка), со што ги осигура трите бода кои на неколку часа го држеа Милан на првото место.
Хојлунд е незапирлив, Наполи не се предава
Наполи продолжува со одличните настапи под водство на Антонио Конте. Со победата од 0-2 над Кремонезе, Наполитанците остануваат веднаш зад миланските гиганти. Човек на одлука беше Расмус Хојлунд, кој ги постигна двата гола во првите 45 минути. Данецот игра во неверојатна форма и веќе стана клучен играч во борбата за титулата.
Болоња заглави во регионалното дерби
Во еден од поинтересните дуели, Болоња и Сасуоло одиграа 1-1. Фабијан донесе водство за домаќините, но Мухаремовиќ со глава во 63-тата минута донесе бод за Сасуоло. Болоња веќе четири кола не знае за победа, што е сериозен пад по добриот старт на сезоната.



