Додека светот дебатира кој е најдобриот центар на сите времиња, Никола Јокиќ реши да ги замолкне критичарите со уште еден историски подвиг кој делува речиси нереално. Српскиот ас официјално стана центарот со најмногу асистенции во историјата на НБА лигата, престигнувајќи го легендарниот Карим Абдул-Џабар.
Магичната граница падна во втората четвртина
На натпреварот против Орландо Меџик, на Јокиќ му беа потребни само седум асистенции за да го сруши рекордот. Тоа го направи со стил во втората четвртина, при преостанати 6:26 минути, „Џокерот“ го пронајде Џејлен Пикет на шут за тројка, со што и официјално ја запиша својата 5,661-ва асистенција во кариерата.
Натпреварот го заврши со нов трипл-дабл учинок: 23 поени, 11 скокови и 13 асистенции, со што неговиот нов рекорд сега изнесува 5,667 директни додавања за кош.
Рекорд срушен со 789 натпревари помалку!
Она што го прави овој успех на Јокиќ навистина застрашувачки е брзината со која стигна до врвот. Додека на Карим Абдул-Џабар му беа потребни неверојатни 1,560 натпревари низ 20 сезони за да стигне до бројката од 5,660 асистенции, на Никола му беа доволни само 771 натпревар. Тоа значи дека Србинот го сруши рекордот со 789 натпревари помалку од легендата на Лејкерс.
We want to be there for those stories 😅 pic.twitter.com/RzSeEXs30a
— Denver Nuggets (@nuggets) December 19, 2025
Пиво, трем и „лаги“ за децата
Во својот препознатлив, скромен и хумористичен стил, Јокиќ по натпреварот изјави дека рекордите не му значат многу додека сè уште е активен на теренот.
„За тие работи ќе размислувам по завршувањето на мојата кариера. Наследството е нешто на кое ќе се сеќавам кога ќе седам на тремот, ќе пијам пиво и ќе им кажувам лаги на моите деца“, се пошегува најдобриот кошаркар на денешницата.
Со оваа победа, Денвер Нагетс (20-6) ја продолжија својата победничка серија на шест натпревари, потврдувајќи дека се главни фаворити на Западот.




